Линкови за пристапност

Трамп: Америка се врати


Претседателот на САД Доналд Трамп се обраќа на заедничката седница на Конгресот во Капитол во Вашингтон, 4 март 2025 година
Претседателот на САД Доналд Трамп се обраќа на заедничката седница на Конгресот во Капитол во Вашингтон, 4 март 2025 година

Американскиот претседател Доналд Трамп го започна својот прв говор пред Конгресот во неговиот втор мандат прогласувајќи дека „Америка се врати“, предизвикувајќи скандирања од републиканските законодавци.

„Пред шест недели, застанав под куполата на овој Капитол и прогласив зора на златна доба на Америка. Од тој момент, тоа не беше ништо друго освен брза и непопустлива акција за воведување на најголемата и најуспешната ера во историјата на нашата земја“, рече Трамп.

Трамп рече дека неговата администрација „постигна повеќе за 43 дена отколку што повеќето администрации постигнаа за четири или осум години, а ние само што почнуваме“.

До денес, тој има потпишано 76 извршни наредби - од кои неколку се оспоруваат на суд.

Само неколку минути по обраќањето на Трамп, претседателот беше прекинат поради грубо однесување од подот на Претставничкиот дом, што го натера претседателот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон да нареди да биде отстранет демократскиот претставник Ал Грин од Тексас.

Трамп го продолжи своето обраќање откако Грин беше отстранет од комората.

Трамп наведе неколку од неговите извршни наредби, вклучително и дека прогласил национална вонредна состојба на јужната граница и распоредил американска војска и гранична патрола за да ја одврати „инвазијата на нашата земја“.

Тој, исто така, рече дека наметнал итно замрзнување на сите федерални вработувања откако се вратил во Белата куќа, плус замрзнување на странската помош.

Трамп, исто така, ги повлече САД од, како што рече, „нефер“ Париски климатски договор, „корумпираната“ Светска здравствена организација и „антиамериканскиот“ Совет за човекови права на Обединетите нации (ОН).

Обраќањето му даде на Трамп јавна сцена за да ја изложи својата визија за американската економија и политиката за имиграција и му овозможи да ги брани неодамнешните контроверзни одлуки за намалување на федералната работна сила и соочување со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Републиканската конгресменка Марџори Тејлор Грин аплаудира на говорот на американскиот претседател Доналд Трамп на заедничката седница на Конгресот (Фото: Ројтерс)
Републиканската конгресменка Марџори Тејлор Грин аплаудира на говорот на американскиот претседател Доналд Трамп на заедничката седница на Конгресот (Фото: Ројтерс)

Најитниот предизвик за Трамп ќе биде да ги обедини републиканското мнозинство во Сенатот и Претставничкиот дом за да го усвои буџетот за финансирање на владата по крајниот рок на 14 март.

Републиканците се разликуваат околу тоа дали да ги намалат популарните програми за социјална заштита, како што е „Медикејд“, кој обезбедува здравствено осигурување на оние со ниски примања за да го платат долгот на САД и да платат за продолжување на даночните намалувања во 2017 година, донесени за време на првиот мандат на Трамп.

Трамп повика на „една голема, убава легислатива“ за финансирање на неговата домашна политика.

„Ни претстои многу напорна работа, но ќе ја испорачаме агендата „Америка на прво место“, им рече на новинарите претседателот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон минатата недела.

„Ќе ја испорачаме целата, не само делови од неа“.

Демократите во Конгресот го критикуваа буџетот дека е во корист на богатите.

„Не правете грешка, ќе ги ограби постарите, децата и инвалидите да плаќаат за богатите да станат побогати“, рече лидерот на малцинството во Сенатот Чак Шумер минатата недела.

Трамп се осврна и на формирањето на Одделот за владина ефикасност, предводен од милијардерот Илон Маск.

Сенаторката Елиса Слоткин го даде одговорот на демократите на обраќањето на Трамп.

Таа рече дека претседателот Трамп „се обидува да им даде невиден подарок на своите пријатели милијардери“.

Го критикуваше напорот на администрацијата на Трамп, предводен од Маск, за отпуштање на голем број федерални вработени само за повторно да ги вработи откако сфатил дека отпуштените работеле на критични прашања.

„Ниту еден извршен директор во Америка не би можел да го стори тоа без да биде отпуштен од работа“, рече Слоткин, додавајќи:

„Цените на намирниците и цените на домовите се зголемуваат, а не се намалуваат. И тој нема изнесено кредибилен план да се справи со ниту едно од нив“.

Катрин Гипсон од Гласот на Америка и Ким Луис придонесоа за текстот

XS
SM
MD
LG