ТикТок денес поднесе тужба до федерален суд на САД за да ја спречи северната сојузна држава Монтана да спроведе целосна забрана за апликацијата за споделување видеа.
Забраната без преседан, која треба да започне во 2024 година, го нарушува уставно заштитеното право на слобода на говор, тврди ТикТок во тужбата.
„Веруваме дека нашиот правен предизвик ќе надвладее врз основа на многу силен сет на преседани и факти“, изјави портпаролот на ТикТок за АФП.
Гувернерот на Монтана Грег Џанфорте ја потпиша забраната во закон на 17 мај.
Џанфорте на Твитер напиша дека ја одобрува забраната со цел „да ги заштити личните и приватните податоци на Монтана од Кинеската комунистичка партија“.
„Сојузната држава ги донесе овие вонредни и без преседан мерки врз основа на ништо повеќе од неосновани шпекулации“, тврди во својата тужба ТикТок.
Корисници на ТикТок минатата недела поднесоа сопствена тужба, повикувајќи го федералниот суд да ја поништи забраната на Монтана за апликацијата, тврдејќи дека таа ги нарушува нивните права за слободен говор.
Двете тужби поднесени против Монтана тврдат дека сојузната држава ги нарушува правата на слободата на говорот во процесот.
ТикТок го повика федералниот суд да ја прогласи забраната на Монтана за нејзината апликација за неуставна и да ја блокира сојузната државата да ја стави во сила.
Апликацијата е во сопственост на кинеската фирма ByteDance и е обвинета од широк дел од американските политичари дека е под туторство на кинеската влада и алатка за шпионажа од страна на Пекинг, нешто што компанијата луто го негира.
Монтана стана првата американска сојузна држава што го забрани ТикТок, а законот треба да стапи во сила следната година, додека ескалира дебатата за влијанието и безбедноста на популарната видеоапликација.
Извор: Агенција Франс-прес