Линкови за пристапност

Жестоки прашања за директорот на ТикТок на распит во Конгресот за безбедноста на податоците на корисниците


„Има многу заблуди за нашата компанија и јас сум многу горд што доаѓам овде и ги претставувам нив и сите наши корисници во оваа земја“, им рече Чу на новинарите, пред да влезе на сослушувањето.
„Има многу заблуди за нашата компанија и јас сум многу горд што доаѓам овде и ги претставувам нив и сите наши корисници во оваа земја“, им рече Чу на новинарите, пред да влезе на сослушувањето.

Извршниот директор на ТикТок денеска сведочи пред комисија во американскиот Конгрес, каде што се соочи со жестоки прашања за безбедноста на податоците и безбедноста на корисниците додека тој самиот аргументира зошто не треба да се забранува многу популарната апликација за споделување видео, особено меѓу младите.

Сведочењето на Шо Зи Чу доаѓа во клучен момент за компанијата, која има стекнато 150 милиони американски корисници, но е под зголемен притисок од американските власти. ТикТок и нејзината матична компанија ByteDance се зафатени во поширока геополитичка битка меѓу Пекинг и Вашингтон околу трговијата и технологијата.

Во својата воведна изјава, претседателката на Конгресната комисија Кети МекМорис Роџерс, републиканка, ја нападна доверливоста на социјалната платформа поради нејзините блиски врски со Пекинг.

„Господине Чу, вие сте тука, затоа што на американскиот народ му треба вистината за заканата што ја претставува TikTok за нашата национална и лична безбедност“, рече МекМорис Роџерс и истакна дека „ТикТок постојано избира пат за поголема контрола, поголем надзор и повеќе манипулации“.

Чу, 40-годишен родум од Сингапур, пред Комисијата за енергија и трговија на Претставничкиот дом на САД рече дека ТикТок има приоритет за безбедноста на своите млади корисници и ги негира наводите дека апликацијата претставува ризик за национална безбедност, според неговите подготвени забелешки објавени пред сослушувањето. „Има многу заблуди за нашата компанија и јас сум многу горд што доаѓам овде и ги претставувам нив и сите наши корисници во оваа земја“, им рече Чу на новинарите, пред да влезе на сослушувањето.

Во средата, компанијата испрати десетици популарни членови на ТикТок на Капитол Хил за да лобираат кај законодавците да ја зачуваат платформата.

Исто така, ТикТок ширум Вашингтон објавуваше реклами на кои ветуваат дека ќе ги обезбеди податоците и приватноста на корисниците и ќе создаде безбедна платформа за своите млади корисници.

ТикТок е под зголемен притисок поради тврдењата дека неговата кинеска сопственост значи дека податоците од корисниците би можеле да завршат во рацете на кинеската влада или дека може да се користат за промовирање наратив, поволен за комунистичките лидери во земјата.

XS
SM
MD
LG