Линкови за пристапност

Светот не ги исполнува обврските да ги заштити цивилите, предупреди Гутереш


Мирот е најдобрата форма на заштита, рече генералниот секретар на ОН на состанокот на Советот за безбедност
Мирот е најдобрата форма на заштита, рече генералниот секретар на ОН на состанокот на Советот за безбедност

Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш рече дека светот не ги исполнува своите обврски за заштита на цивилите, обврска согласно меѓународното хуманитарно право.

„Мирот е најдобрата форма на заштита“, рече Гутереш на состанокот на Советот за безбедност на ОН на оваа тема.

„Мораме да ги интензивираме нашите напори за да спречиме конфликт, да ги заштитиме цивилите, да го зачуваме мирот и да најдеме политички решенија за војната“.

Гутереш рече дека таму каде што има војна, земјите мора да се усогласат со меѓународното хуманитарно право.

„Тоа е разликата помеѓу животот и смртта. Помеѓу воздржаност и анархија. Помеѓу губењето себеси во ужас и задржувањето на нашата хуманост“, рече тој.

Гутереш укажа на најновиот конфликт, петнеделните борби меѓу ривалските генерали во Судан, во кој веќе загинаа стотици, раселени се повеќе од еден милион, а 250.000 луѓе избегаа во соседните земји.

Храна, вода и гориво се во недостиг, а здравствениот систем во земјата е на работ на колапс.

„Колку и да е страшна оваа слика, далеку од тоа дека е единствена“, рече тој, истакнувајќи дека 100 милиони луѓе ширум светот беа принудно раселени минатата година поради војна, насилство, кршење на човековите права или прогон.

Гутереш рече дека ефектите од војната вклучуваат зголемена несигурност во храната - повеќе од 117 милиони луѓе се соочија со акутен глад во 2022 година, првенствено поради војната и нестабилноста.

„Оштетувањето на критичната инфраструктура го отежнува производството на храна, ја блокира дистрибуцијата и ги лишува луѓето од безбедна вода“, рече Гутереш.

Тој го поздрави неодамнешното продолжување за уште 60 дена на Црноморската иницијатива за жито, која го олесни извозот на повеќе од 30 милиони метрички тони украинско жито преку црноморските рути од почетокот на август, стабилизирајќи ги светските цени на храната од руската инвазија на Украина во 2022 година.

Гутереш рече дека се надева оти отворените прашања со спроведувањето на соодветниот договор за рускиот извоз на храна и ѓубрива ќе бидат решени.

XS
SM
MD
LG