Линкови за пристапност

Столтенберг предлага 100 милијарди евра воена помош за Украина


Причината за овој потег делумно е да се заштити какво било намалување на поддршката на САД, доколку Доналд Трамп се врати во Белата куќа, велат дипломатите
Причината за овој потег делумно е да се заштити какво било намалување на поддршката на САД, доколку Доналд Трамп се врати во Белата куќа, велат дипломатите

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, предложи петгодишен пакет воена помош за Украина од 100 милијарди евра (107 милијарди долари), што ќе ѝ даде на западната алијанса подиректна улога во обезбедувањето поддршка на Киев, изјавија во вторникот пет дипломати.

Според планот, НАТО ќе преземе дел од координативната работа од ад-хок коалицијата предводена од САД - чекор дизајниран делумно да се заштити какво било намалување на поддршката на САД, доколку Доналд Трамп се врати во Белата куќа, велат дипломатите.

Предлогот се очекува да биде разгледан на дводневниот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО в среда и четврток, со цел навреме да се финализира пакетот за самитот на НАТО во Вашингтон во јули.

Досега, НАТО како организација се ограничуваше на несмртоносна помош за Украина поради стравувањата дека подиректна улога може да предизвика ескалација на тензиите со Русија.

Повеќето нејзини членки обезбедуваат оружје за Украина на билатерална основа. Но, дипломатите рекоа дека постои растечки став во НАТО дека е дојдено време да се стави воената помош за Украина на поодржлива, долгорочна основа и дека западната алијанса е најдобро поставена да преземе голем дел од таа улога.

Некои, исто така, рекоа дека заканите на рускиот претседател Владимир Путин дека ќе ги смета за ескалаторни различните чекори преземени од сојузниците на НАТО, не доведоа до одмазднички акции против нив.

Како дел од планот, НАТО ќе создаде мисија на НАТО за Украина, иако сè уште не е јасно дали мисијата ќе дејствува внатре во земјата, велат дипломатите.

Некои земји беа претпазливи дури и да ја именуваат операцијата како мисија.

Столтенберг рече дека планот е делумно „заштита од ветровите на политички промени“ во која било членка на НАТО, но Трамп е најважен во главите на многумина, рече висок дипломат на НАТО.

НАТО одби детално да ги коментира предлозите на Столтенберг, но официјален претставник на НАТО рече дека министрите за надворешни работи „ќе разговараат за најдобриот начин да се организира поддршката на НАТО за Украина, за да ја направат помоќна, предвидлива и издржлива“.

„Нема да се донесат конечни одлуки на министерските состаноци во април, а дискусиите ќе продолжат додека се приближуваме до самитот во Вашингтон во јули“, рече претставникот, одбивајќи да биде именуван.

Дипломатите предупредија дека дискусиите за предлогот се во рана фаза и не е јасно дали вкупните 100 милијарди евра ќе бидат прифатени или како ќе се финансираат.

Сите одлуки на НАТО бараат консензус меѓу 32-те членки на алијансата.

„На некој начин е заштита во случај на Трамп. Но, невозможно е да се создаде нешто што е заштита од Трамп“, рече друг дипломат.

„Фондот од 100 милијарди изгледа многу оптимистички, знаејќи колку е тешко да се договори за помал износ на ниво на ЕУ“, додаде дипломатот.

XS
SM
MD
LG