Линкови за пристапност

Нема потреба да зборуваме за план Б денес, рече Саливан за помошта за Украина


Американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан на прес-конференција со шефот на кабинетот на украинскиот претседател, во Киев, на 20 март 2024 година
Американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан на прес-конференција со шефот на кабинетот на украинскиот претседател, во Киев, на 20 март 2024 година

Руските воздушни напади денес беа насочени кон главниот град на Украина, Киев, при што украинските воздушни сили соопштија дека ги собориле сите, вкупно 31 руска ракета.

Градоначалникот на Киев Виталиј Кличко, на Телеграм изјави дека фрагменти од ракета паднале во повеќе области на градот, погодувајќи станбени згради и предизвикувајќи неколку пожари.

Кличко рече дека најмалку 10 лица биле повредени.

„Таков терор продолжува секој ден и ноќ“, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски на социјалните мрежи денес.

Зеленски повика на поддршка на партнерите на Украина, особено во обезбедувањето системи за противвоздушна одбрана.

„Руските терористи немаат ракети способни да ги заобиколат Патриот и другите водечки светски системи“, рече Зеленски.

„Оваа заштита е потребна во Украина сега. Од Киев до Харкив, Суми до Херсон и Одеса до регионот Доњецк. Ова е сосема можно доколку нашите партнери покажат доволно политичка волја“.

Нападот на Киев се случи еден ден откако Зеленски беше домаќин на разговори со советникот за национална безбедност на Белата куќа Џејк Саливан.

Саливан се обиде да ги увери Украинците дека САД продолжуваат да ја поддржуваат Украина и дека и покрај одложувањето на Конгресот, милијарди помош ќе стигне до земјата.

„Ќе добиеме силно двопартиско гласање во Конгресот“, рече Саливан за време на прес-конференцијата, нарекувајќи го тоа план А.

„Ќе ги обезбедиме тие пари како што треба, така што мислам дека нема потреба да зборуваме за план Б денес“.

Тој, исто така, призна дека процесот „трае предолго“.

Саливан се сретна со Андриј Јермак, шеф на кабинетот на претседателот на Украина.

Тие разговараа за тоа што ѝ треба на Украина на бојното поле и за два претстојни самита: самитот на НАТО во јули во Вашингтон и мировниот самит во Швајцарија, кој сè уште не е закажан, но може да се случи оваа пролет.

Јермак рече дека Кина, сојузник на Русија, може да присуствува, но Украина нема да ја покани Русија.

Дел од информациите во текстот се од Ројтерс

XS
SM
MD
LG