Повеќе од две години, западните земји ја повикуваат Јужна Кореја директно да ја вооружи Украина, инсистирајќи на тоа дека јужнокорејското оружје може да игра клучна улога во помагањето на Киев да се бори против руската инвазија.
Јужна Кореја, голем производител на оружје, се спротивстави, загрижена дека директното вооружување на Украина би можело да ја поттикне Русија да ја прошири својата воена соработка со Северна Кореја, која бара помош за напредно оружје што го таргетира Сеул.
Таа проценка може да се менува. Оваа недела Русија и Северна Кореја објавија договор за меѓусебна одбрана. Рускиот претседател Владимир Путин навести дека договорот може да го олесни обезбедувањето повеќе оружје за Пјонгјанг.
Официјализирањето на односите меѓу Северна Кореја и Русија изненади многу набљудувачи, кои претпоставуваа дека Москва главно се стреми кон краткорочни придобивки со Пјонгјанг.
Овој потег влијаеше и врз владата на јужнокорејскиот претседател Јун Сук-jеол.
На брифингот во четвртокот, јужнокорејскиот советник за национална безбедност остро го критикуваше договорот Русија-Северна Кореја како кршење на меѓународното право и рече дека неговата влада ќе ја преиспита својата забрана за испраќање оружје во Украина.
Не е првпат конзервативната влада на Јун да навести промена на нејзината политика за Украина, но нејзината последна закана може да биде посериозна, доколку коментарите на јужнокорејските официјални претставници се некакви индикации.
Конзервативниот Јонганг Илбо, висок функционер во претседателскиот кабинет на Јужна Кореја, вели „ние ќе ги разгледаме сите чекори што Русија би ги сметала за најболни“, истовремено истакнувајќи дека Сеул ги следи следните потези на Русија.
Андриј Николаеинко, поранешен дипломат во амбасадата на Украина во Сеул, а сега член на украинскиот Парламент, за Гласот на Америка изјави дека верува оти таквите изјави укажуваат на тоа дека Сеул е подготвен да ја измени својата политика.
„Мојот контакт и извори ме наведоа да верувам дека тоа е можно и ќе се случи наскоро“, рече Николаеинко, без да даде повеќе детали.
„Не е само мое лично мислење, туку и очекувањата на украинските власти дека овојпат Јужна Кореја навистина ќе ја промени својата политика за снабдување муниција на Украина, веројатно отворено и директно“, додаде тој.
Иако Јужна Кореја сè уште се соочува со незгодна ситуација и може да продолжи да биде претпазлива, некои набљудувачи тврдат дека размислувањата на Сеул можеби се менуваат на фундаментален начин.
„Потпишувањето на Путин на сеопфатно стратешко партнерство со Ким Џонг Ун сугерира дека самоограничувањето на Јужна Кореја во поддршката на Украина не поминува во Москва“, рече Леиф-Ерик Исли, професор на Универзитетот Евха во Сеул.
Европски амбасадор од Сеул изјави за Гласот на Америка дека чека да види како ќе се развива ситуацијата, но додаде „сега треба да биде јасно дека не може да се очекува дека Русија е способна да одигра каква било конструктивна улога во обезбедувањето мир и стабилност на Корејскиот Полуостров“.
Путин одлучи да потпише сеопфатен договор за стратешко партнерство со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун за време на неговата дводневна посета, јави во вторникот руската новинска агенција ТАСС.
Американските власти изразија загриженост дека Русија може да обезбеди напредно оружје или друга помош поврзана со нуклеарната програма на Северна Кореја.
Ваквите грижи се интензивираа минатиот септември кога Ким прегледа многу напредно руско оружје додека обиколуваше неколку воени локации во источна Русија, вклучително и модерна постројка за лансирање во вселената.