Линкови за пристапност

Путин во посета на Северна Кореја


Путин одлучил да потпише сеопфатен договор за стратешко партнерство со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун за време на неговата дводневна посета, пренесе руската новинска агенција ТАСС. 
Путин одлучил да потпише сеопфатен договор за стратешко партнерство со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун за време на неговата дводневна посета, пренесе руската новинска агенција ТАСС. 

Рускиот претседател Владимир Путин во вторник пристигнува во Северна Кореја, каде се очекува да потпише договор за проширената соработка на Москва со Пјонгјанг, јавуваат руските државни медиуми.

Путин одлучил да потпише сеопфатен договор за стратешко партнерство со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун за време на неговата дводневна посета, пренесе руската новинска агенција ТАСС.

Во извештајот не се дадени детали за документот, иако претходно агенцијата цитираше помошник за надворешна политика на Путин кој изјавил дека во него најверојатно ќе бидат опфатени прашањата за одбраната.

Претходно во вторникот, Путин кажа дека ќе работи со Северна Кореја како реакција на санкциите, додека двете земји го прошируваат своето „повеќестрано партнерство“, се вели во писмото објавено во севернокорејските државни медиуми.

Во писмото, Путин вели дека двете земји ќе развијат трговски механизми „не контролирани од Западот“ и дека „заеднички ќе се спротивстават на нелегитимните еднострани ограничувања“.

Русија е долгогодишен поддржувач на Северна Кореја. Иако врските понекогаш беа климави, двете земји во последно време најдоа повеќе причини да соработуваат, особено по руската инвазија на Украина во 2022 година.

Американските власти соопштија дека Северна Кореја ѝ доставила на Русија 11.000 контејнери со муниција, како и балистички проектили, за употреба на бојното поле во Украина. И Северна Кореја и Русија ги негираат таквите договори за оружје, иако се` поголем број независни набљудувачи документираат употреба на севернокорејско оружје против украинските сили.

„Москва и Пјонгјанг најверојатно ќе продолжат да ги негираат прекршувањата на меѓународното право, но веќе не ги кријат нивните незаконски активности и се свртеа кон фалење со нивната соработка“, рече Леиф-Ерик Изли, професор на Универзитетот Евха во Сеул.

Одбранбени врски

Американските власти изразија загриженост дека Русија може да обезбеди напредно оружје или друга помош поврзана со нуклеарната програма на Северна Кореја.

Ваквите грижи се интензивираа минатиот септември кога Ким прегледа многу напредно руско оружје додека обиколуваше неколку воени локации во источна Русија, вклучително и модерна постројка за лансирање во вселената.

Иако најновите лансирања на севернокорејски сателити покажаа знаци на руска помош, аналитичарите дебатираат до каде ќе оди соработката во одбраната, истакнувајќи дека Русија често не ја споделува својата најнапредна воена технологија.

„Овие држави не споделуваат трајни сојузни институции и вредности; тие се само слабо поврзани заедно со отпорот кон спроведувањето на меѓународните закони и норми“, рече Изли.

Историја на договорот

Аналитичарите внимателно ќе го анализираат текстот на секој нов договор потпишан од Путин и Ким.

Русија во моментов има сеопфатни стратешки партнерства со држави како Виетнам, Монголија и некои земји од Централна Азија.

Иако таквите документи се темел на „највисоки релации на меѓудржавни односи“ на Русија, тие не се договори за формирање сојуз, вели поранешниот руски дипломат Георги Толораја.

„Не мислам дека овој договор ќе вклучува клаузула која директно повикува на воена помош, но секако ќе даде простор да се замисли ситуација во која тоа би можело да се обезбеди“, рече тој во интервју за Гласот на Америка.

Во 1961 година, Северна Кореја и Советскиот Сојуз потпишаа договор за пријателство и взаемна помош кој вклучуваше одредба за автоматска воена интервенција во итни случаи.

Тој договор беше укинат по распадот на Советскиот Сојуз. Двете земји потпишаа нов договор во 2000 година, но тој се фокусираше на економски, а не на воени прашања.

Според помошникот на Путин, Јуриј Ушаков, договорот за кој преговараат Ким и Путин ќе ги замени сите други билатерални договори.

Пречки

Ако писмото на Путин е некаква индикација, неговата посета, исто така, најверојатно ќе се фокусира на проширување на економските врски, вклучително и преку засилување на размената поврзана со образованието, културата и туризмот.

Сепак, овој план се соочува со пречки поради резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации кои забрануваат широк опсег на економски ангажман со Северна Кореја.

Иако Русија вели дека повеќе не ги почитува санкциите на ОН за Северна Кореја, таа официјално не објави дека ќе престане да ги спроведува.

Наместо тоа, Русија може да бара начин да ја олесни соработката дури и во области кои се предмет на санкции на ОН, како што се севернокорејските работници кои заработуваат приход во странство.

На пример, севернокорејските ИТ специјалисти би можеле да работат од далечина од нивната матична земја без технички да добиваат приход во странство, рече Толораја, поранешен член на Експертскиот панел на ОН, кој го следи спроведувањето на санкциите за Северна Кореја.

Русија претходно оваа година фактички го укина учеството на панелот на ОН - еден од нејзините најречити чекори за еднострано деградирање на режимот на санкции на ОН што некогаш го поддржуваше.

Што сака Северна Кореја?

За Ким, посетата на Путин има за цел да обезбеди зајакнување на домашниот легитимитет, особено во услови на сè поочигледни судири на Северна Кореја со нејзиниот главен економски поддржувач Кина, вели Ким Ган, кој претходно оваа година се повлече од функцијата главен нуклеарен пратеник на Јужна Кореја.

„Севернокорејците се нервозни поради тоа, бидејќи нивната економија е 99% зависна од Кина“, рече Ким, кој сега е член на Националното собрание на Јужна Кореја. „Одговорот на Ким Џонг Ун е: „Не грижете се, ние сè уште ја имаме Русија“.

Според мислењето на пратеникот, Ким Џонг Ун, исто така, веројатно се надева дека посетата на Путин ќе му даде моќ во односите со кинескиот претседател Ши Џинпинг, создавајќи ситуација во која и Русија и Кина се натпреваруваат за Северна Кореја.

Но, додаде Ким Ган, новите односи меѓу Русија и Северна Кореја најверојатно се „брак од интерес“, наместо обнова на врските од советската ера.

„Русија не е поранешен Советски Сојуз“, рече тој. „И Русија е во војна во Украина - тие ја фрлаат целата своја енергија во оваа војна. Нема многу простор Русија да направи нешто со Северна Кореја“.

XS
SM
MD
LG