Линкови за пристапност

САД се загрижени дека Русија може да ја поддржи нуклеарната програма на Северна Кореја


Путин одлучи да потпише сеопфатен договор за стратешко партнерство со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун за време на неговата дводневна посета, јави руската новинска агенција ТАСС
Путин одлучи да потпише сеопфатен договор за стратешко партнерство со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун за време на неговата дводневна посета, јави руската новинска агенција ТАСС

Рускиот претседател Владимир Путин допатува рано во средата во Северна Кореја, каде се очекува да потпише договор со кој се наведува проширена соработка на Москва со Пјонгјанг.

Рускиот претседател, кој ја прави својата прва посета на Пјонгјанг по 24 години, слета во Пјонгјанг, каде што најмалку неколку главни улици беа обложени со портрети на Путин и руското знаме, јавуваат руските медиуми.

Путин одлучи да потпише сеопфатен договор за стратешко партнерство со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун за време на неговата дводневна посета, јави руската новинска агенција ТАСС.

Во извештајот не се дадени детали за документот, иако претходно агенцијата цитираше помошник за надворешна политика на Путин дека тој најверојатно ќе ги покрие прашањата за одбраната.

Претходно во вторникот, Путин вети дека ќе работи со Северна Кореја за да се спротивстави на санкциите, како што двете земји го прошируваат своето „повеќестрано партнерство“, се вели во писмото објавено во севернокорејските државни медиуми.

Во писмото, Путин рече дека двете земји ќе развијат трговски механизми „неконтролирани од Западот“ и дека „заеднички ќе се спротивстават на нелегитимните еднострани ограничувања“ - веројатно упатување на многуте индивидуални санкции што земјите ги воведоа против Пјонгјанг и Москва.

Русија е долгогодишен поддржувач на Северна Кореја. Иако врските понекогаш беа тешки, двете земји неодамна најдоа повеќе причини да соработуваат, особено по руската инвазија на Украина во 2022 година.

Американските власти соопштија дека Северна Кореја ѝ доставила на Русија 11.000 контејнери со муниција, како и балистички проектили, за употреба на бојното поле во Украина.

Северна Кореја и Русија ги негираат таквите договори за оружје, иако се` поголем број независни набљудувачи документираа употреба на севернокорејско оружје против украинските сили.

„Москва и Пјонгјанг најверојатно ќе продолжат да ги негираат прекршувањата на меѓународното право, но особено се префрлија од криење на нивните незаконски активности на фалење со нивната соработка“, рече Леиф-Ерик Исли, професор на Универзитетот Евха во Сеул.

Американските власти изразија загриженост дека Русија може да обезбеди напредно оружје или друга помош поврзана со нуклеарната програма на Северна Кореја.

Ваквите грижи се интензивираа минатиот септември кога Ким прегледа многу напредно руско оружје додека обиколуваше неколку воени локации во источна Русија, вклучително и модерна постројка за лансирање во вселената.

Иако најновите лансирања на сателити на Северна Кореја покажаа знаци на руска помош, аналитичарите дебатираат до каде ќе оди соработката во одбраната, истакнувајќи дека Русија често не ја споделува својата најнапредна воена технологија.

„Овие држави не споделуваат трајни сојузни институции и вредности; тие се само слабо поврзани заедно со отпорот кон спроведувањето на меѓународните закони и норми“, рече Исли.

Говорејќи во Вашингтон во вторникот, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, рече дека Алијансата е загрижена поради „потенцијалната поддршка“ на Русија за „ракетните и нуклеарните програми“ на Северна Кореја.

„Посетите на Путин на Северна Кореја ја демонстрираат и потврдуваат многу блиската усогласеност меѓу Русија и авторитарните држави како Северна Кореја, но и Кина и Иран“, рече Столтенберг по средбата со државниот секретар Ентони Блинкен.

„Нашата безбедност не е регионална. Таа е глобална. Она што се случува во Европа е важно за Азија. Тоа што се случува во Азија е важно за нас“, рече Столтенберг.

Аналитичарите внимателно ќе го анализираат јазикот на секој нов договор потпишан од Путин и Ким.

Русија во моментов има сеопфатни стратешки партнерства со земји кои вклучуваат Виетнам, Монголија и некои земји од Централна Азија.

За Ким, посетата на Путин има за цел да обезбеди зајакнување на домашниот легитимитет, особено во услови на сè појавни судири на Северна Кореја со нејзиниот главен економски поддржувач, Кина, рече Ким Ган, кој претходно оваа година се повлече од функцијата главен нуклеарен претставник на Јужна Кореја.

„Севернокорејците се чувствуваат нервозни поради тоа, бидејќи нивната економија е 99% зависна од Кина“, рече Ким, кој сега е член на Националното собрание на Јужна Кореја.

Аналитичарите гледаат знаци на заострување во односите меѓу Северна Кореја и Кина.

Дописничката на Гласот на Америка од Стејт департментот Најко Чинг придонесе за овој извештај

XS
SM
MD
LG