Линкови за пристапност

Северна Кореја и Русија си ветија заемна одбрана


Рускиот претседател Владимир Путин и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун се фотографираат за време на церемонијата на потпишување договор по билатералните разговори во Пјонгјанг, Северна Кореја, 19 јуни 2024 година.
Рускиот претседател Владимир Путин и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун се фотографираат за време на церемонијата на потпишување договор по билатералните разговори во Пјонгјанг, Северна Кореја, 19 јуни 2024 година.

Обврската, наводно, е наведена во новиот „сеопфатен договор за стратешко партнерство“ потпишан меѓу Ким и Путин во Пјонгјанг. Текстот на договорот не е објавен

Северна Кореја и Русија потпишаа договор кој содржи клаузула за заемна одбрана, објавија денеска рускиот претседател Владимир Путин и лидерот на Северна Кореја Ким Џонг Ун за време на ретката посета на Путин на Пјонгјанг.

По еден ден на настани со голем публицитет, Путин и Ким потпишаа „сеопфатен договор за стратешко партнерство“, формално унапредувајќи ги односите што се проширија по руската инвазија на Украина во 2022 година.

Текстот на договорот не е објавен. Но, по потпишувањето, Путин според руската новинска агенција Интерфакс рекол дека договорот содржи клаузула која „обезбедува заемна помош во случај на агресија врз една од страните“.

Овој потег значи значајна промена на руската политика кон Северна Кореја, потенцијално обновувајќи го договорот за заемна одбрана што беше укинат по распадот на Советскиот Сојуз.

По церемонијата на потпишување, Ким рече дека односите се издигнати на ниво на „сојуз“, иако Путин не ја употреби таа фраза во неговите јавни коментари.

Развојот сигурно ќе ги потресе западните лидери, кои ја осудија соработката меѓу Русија и Северна Кореја како кршење на меѓународното право. Американските власти ја обвинуваат Северна Кореја дека и доставила на Русија илјадници контејнери со муниција, вклучително и балистички проектили, за употреба на бојното поле во Украина.

Потпишувањето на договорот изненади многу набљудувачи, кои предвидоа дека какво било официјализирање на односите нема да дојде до формален сојуз.

„Ким Џонг Ун успеа да извлече повеќе отстапки отколку што мислевме дека ќе може од неговата поддршка за руската инвазија на Украина“, рече Рамон Пачеко Пардо, специјалист за Кореја и професор по меѓународни односи на Кралскиот колеџ во Лондон.

Се чини дека овој потег е обид да се реанимираат односите од советската ера меѓу Москва и Пјонгјанг, иако не сите аналитичари се убедени дека врските достигнале тоа ниво.

„Јасно е дека тоа е важен развој, но мислам дека ќе треба да видиме дека овие односи ќе продолжат на силна основа неколку години пред да можеме да кажеме дека има дефинитивна промена во односите“, рече Пачеко Пардо.

Блиско партнерство, но до која мера?

Во последните гопдини, Русија и Северна Кореја проектираа унифициран став бидејќи им се влошија односите со Западот. Но, партнерството се соочи со значителни оптоварувања.

Неодамна во 2017 година, Русија ги поддржа резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации како одговор на незаконската програма за нуклеарно оружје на Северна Кореја. Русија сега се противи на тие санкции, а Путин денеска ги нарече дел од „конфронтирачката американска политика“.

Преговарачките односи меѓу Москва и Пјонгјанг беа турбулентни.

Во 1961 година, Северна Кореја и Советскиот Сојуз потпишаа договор за пријателство и взаемна помош кој вклучуваше одредба за воена интервенција во итни случаи. Тој договор беше укинат по распадот на Советскиот Сојуз.

Двете држави потпишаа нов договор во 2000 година, но тој се фокусираше на економски, а не на воени прашања. Руските власти велат дека најновиот документ ќе го замени тој пакт.

Ким Гун, јужнокорејски пратеник кој годинава се повлече од функцијата главен нуклеарен претставник на Јужна Кореја, го осуди потпишувањето на клаузулата за заемна одбрана, која според него е „само штетна за мирот и стабилноста на Корејскиот Полуостров“.

Но, според проценката на Ким, овој потег е насочен кон тоа како изгледа сојузнот, а не на вистинската работа. „Немојте да бидете вознемирени од прикривањето, бидејќи токму тоа сакаат да го постигнат“, изјави Гун за Гласот на Америка.

Деталите се важни

Аналитичарите внимателно ќе го анализираат јазикот на секој нов договор потпишан од Путин и Ким - доколку биде објавен текстот на договорот.

Покрај Северна Кореја, Русија, исто така, споделува сеопфатни стратешки партнерства – нејзината највисока форма на меѓудржавни односи – со земји како Виетнам, Монголија и некои земји од Централна Азија. Сепак, не сите тие односи се опишани како сојуз.

„За овие работи важен е јазикот во однос на конкретните обврски“, рече Мејсон Ричи, вонреден професор на јужнокорејскиот универзитет за странски студии Ханкук. „Взаемната помош во случај на напад би се квалификувала како сојуз“.

Но, Ричи вели дека има „сериозни прашања“ за наводниот сојуз меѓу Русија и Северна Кореја, „особено зашто Русија по Студената војна има непријатно досие во поддршката на своите стратешки партнери“.

„Добро би било Северна Кореја да го испита искуството на Ерменија во нејзината последна војна со Азербејџан. Русија не беше многу корисна за својот наводен сојузник“, рече Ричи.

Запрашан од Гласот на Америка што мисли за развојот на договорот меѓу Северна Кореја и Русија, поранешниот руски дипломат Георги Толораја рече дека договорот „значи она што го кажува... нуклеарна сојузничка држава“.

Пристигнување во доцните часови

Со потпишувањето на договорот заврши напорен ден за Путин, кој пристигна на аеродромот во Пјонгјанг околу 3:00 часот наутро по локално време – неколку часа подоцна отколку што очекуваа руските власти.

И покрај доцните часови, Ким го поздрави Путин со прегратка додека стоеше на црвениот тепих поставен покрај авионот на Путин.

Луѓето ги поздравуваат севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун и рускиот претседател Владимир Путин за време на посетата на Путин, на плоштадот Ким Ил Сунг во Пјонгјанг, 19 јуни 2024 година. Фотографија: Спутник преку агенција Франс - прес.
Луѓето ги поздравуваат севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун и рускиот претседател Владимир Путин за време на посетата на Путин, на плоштадот Ким Ил Сунг во Пјонгјанг, 19 јуни 2024 година. Фотографија: Спутник преку агенција Франс - прес.

Рускиот лидер подоцна беше пречекан во грандиозна церемонија на централниот плоштад Ким Ил Сунг во Пјонгјанг, каде зградите беа обложени со масивни руски и севернокорејски знамиња и портрети на двајцата лидери.

Жителите на Северна Кореја мавтаа со светли цветни букети додека Путин и Ким ја набљудуваа почесната гарда пред да заминат на преговори.

На почетокот на разговорите, Путин и се заблагодари на Северна Кореја за нејзината „конзистентна и непоколеблива поддршка“ за руската политика, вклучително и во Украина, објави руската новинска агенција Интерфакс.

Ким ја изрази својата „целосна поддршка и солидарност“ за, како што ја нарече, „специјалната воена операција“ на Русија во Украина и вети дека „безусловно ќе ги поддржи“ политиките на Русија, пренесоа руските медиуми.

Доцна во средата по локално време, Путин на Ким му подари луксузна лимузина – Аурус – руско производство, второто такво возило што Путин му го подари на Ким во последните месеци.

Според руска телевизија, Путин седнал зад волан и го однел Ким покрај теренот на палатата Кумсусан – национално обележје што ги содржи балсамираните тела на таткото и дедото на Ким.

Путин се очекуваше да замине денеска во доцните часови за Ханој, втората станица од неговите странски посети.

XS
SM
MD
LG