Линкови за пристапност

Се очекуваат повеќе помилувања од Бајден пред крајот на мандатот, вели Белата куќа


Американскиот претседател е пречекан од министерот за надворешни работи на Ангола при пристигнувањето на 2 декември 2024 година
Американскиот претседател е пречекан од министерот за надворешни работи на Ангола при пристигнувањето на 2 декември 2024 година

Еден ден откако американскиот претседател Џо Бајден го објави помилувањето на неговиот син Хантер, Белата куќа соопшти дека се очекува претседателот да издаде повеќе помилувања пред да ја напушти функцијата следниот месец.

Портпаролката на Белата куќа Карин Жан-Пјер, вчера им рече на новинарите дека Бајден „многу темелно размислува за тој процес“.

„Немам временска рамка за вас“, рече Жан-Пјер.

„Како што знаете, ова обично се случува кон крајот. И така, претседателот минува низ тој процес, размислувајќи низ тој процес. Нема да се истрчам пред него. Но, можете да очекувате да дојдат повеќе најави“.

Хантер Бајден овој месец се соочуваше со казна за оружје и даночни прекршоци и можеше да биде затворен со години.

Бајден со месеци вети дека нема да го помилува својот 54-годишен син, адвокат кој со години беше зависник од кокаин.

Но, претседателот во изјавата доцна во неделата рече дека гонењето на Хантер Бајден било селективно и политички мотивирано, со цел да се потцени неговата кампања за реизбор пред тој да се откаже од трката во јули за уште еден четиригодишен мандат.

„Обвиненијата во неговите случаи се појавија дури откако неколку мои политички противници во Конгресот ги поттикнаа да ме нападнат и да се спротивстават на мојот избор“, рече Бајден.

Хантер Бајден беше осуден за три кривични дела во јуни за набавка на пиштол во 2018 година. Обвинителите рекоа дека тој на федерален формулар лажно тврдел дека не користел илегално или оти бил зависник од дрога.

Тој, исто така, се изјасни за виновен во случај кога беше обвинет дека не платил најмалку 1,4 милиони долари данок.

Тој се соочуваше со 17 години федерален затвор за даночниот случај за време на закажаното рочиште за изрекување на пресудата во Лос Анџелес на 16 декември, иако експертите за изрекување казна рекоа дека најверојатно како сторител за првпат тој би одлежал не повеќе од 36 месеци зад решетки.

Хантер Бајден се соочуваше со построга максимална казна, 25 години, во случајот со оружјето, но беше поверојатно, врз основа на преседан во слични случаи, да му биде изречена многу пократка казна, можеби и до 16 месеци за време на сослушувањето закажано во Делавер за 13 декември.

Претседателот го помилува Хантер во двата случаи, како и за секое дело што тој го „направил или можеби извршил или учествувал“ во периодот од први јануари 2014 до први јануари 2024 година.

„Ги признав и преземав одговорност за моите грешки во најтемните денови на мојата зависност – грешки кои беа искористени за јавно да се понижат и срамат мене и моето семејство поради политичка игра“, рече Хантер Бајден во изјавата.

Претседателот Бајден во својата изјава рече дека се надева оти „Американците ќе разберат зошто татко и претседател би дошле до оваа одлука“.

„Во текот на целата моја кариера следев едноставен принцип: само кажете му ја вистината на американскиот народ. Тие ќе бидат фер. Еве ја вистината: јас верувам во правосудниот систем, но додека се борев со ова, исто така, верувам дека суровата политика го зарази овој процес и доведе до пропуст на правдата - и штом ја донесов оваа одлука овој викенд, немаше смисла од дополнително одложување“, рече Бајден.

Новоизбраниот претседател Доналд Трамп го критикуваше потегот, нарекувајќи го „злоупотреба и погрешна правда“ во споредба со стотиците поддржувачи на Трамп кои беа затворени откако беа осудени за низа прекршоци кои произлегуваат од немирите во Конгресот на САД на 6 јануари 2021 година, додека тие се обидоа да го блокираат Конгресот да потврди победата на Бајден во 2020 година.

Трамп рече дека ќе размисли за помилување на многу од учесниците во немирите кога повторно ќе ја преземе власта на 20 јануари, по победата на претседателските избори во ноември.

Некои од бунтовниците веќе ја отслужија казната, но многумина се` уште се во затвор со години што следат, додека други судења допрва треба да се случат.

Трамп, во доцните фази на неговиот прв мандат, го помилува Чарлс Кушнер, таткото на неговиот зет Џаред Кушнер, кој беше осуден за даночни прекршоци и други обвиненија.

Во саботата, Трамп рече дека има намера да го номинира постариот Кушнер за амбасадор на САД во Франција.

Трамп, меѓу другите, помилува и еден од неговите поранешни советници за национална безбедност Мајкл Флин, поранешниот менаџер на кампањата Пол Манафорт, поранешниот главен стратег Стив Банон и помошникот во кампањата Џорџ Пападопулос.

Реакциите за помилувањето на Бајден на неговиот син варираат. Џеред Полис, демократскиот гувернер на Колорадо, рече дека иако ја разбира „природната желба“ на Бајден да му помогне на својот син, тој рече:

„Разочаран сум што го стави своето семејство пред земјата. Ова е лош преседан што би можел да биде злоупотребен од подоцнежните претседатели и за жал ќе го наруши неговиот углед“.

Грег Стентон, демократски конгресмен од Аризона, рече: „Го почитувам претседателот Бајден, но мислам дека тој погреши. Ова не беше политички мотивирано гонење. Хантер извршил кривични дела и бил осуден од поротата“.

Чак Грасли, републикански сенатор од Ајова, објави на Икс дека е „шокиран“ од помилувањето затоа што постариот Бајден „многу, многу пати рече дека не сака и јас му верував. Срамота за мене“.

Но, Ерик Холдер, демократ кој беше државен обвинител на САД во времето на поранешниот претседател Барак Обама, рече дека синот на претседателот бил кривично гонет само затоа што неговото презиме е Бајден.

Тој рече дека ниту еден американски адвокат „не би го покренал овој случај со оглед на основните факти“.

Некои информации во текстот се од Асошиетед прес и Ројтерс

Поврзано

XS
SM
MD
LG