По 12 години како дописник на шпанскиот весник „Ел Мундо“ од Русија, Ксавиер Колас се враќа во Мадрид. Но, не по негова волја. Од почетокот на јуни, Хавиер е последниот странски дописник што беше протеран од руската влада.
„Странските новинари се под санкции. Имавме тримесечни визи, наместо едногодишни, како што имавме досега. Бев на црната листа на луѓе чија виза не беше обновена и кои не можеа повеќе да останат во Руската Федерација“, вели Колас.
Москва тврди дека тоа не се протерувања. Во случајот со Хавиер Колас, како и со другите, руските официјални лица истакнаа дека одбивањето на визите за новинари е како што велат, поради грешки во нивните апликации.
Но, Русија е во војна и нема место за слободно новинарство, туку само за пропаганда на она што Кремљ ја нарекува своја специјална воена операција во Украина.
Емануел Гриншпан од парискиот Ле Монд вели дека бил протеран во 2019-та, поради неговите критички написи за Русија на Путин во пресрет на инвазијата. Оттогаш ја следи комплицираната состојба на колегите внатре во државата.
„Според мене, сега е невозможно за слободно известување за руски новинар. Те апсат, и завршуваш во затвор“, вели Гриншпан.
За многу странски новинари, притисокот е поголем поради рускиот закон за странски агенти. Аналитичарите велат дека Кремљ го користи законот за да ги таргетира критичарите, а некои се изложени на ризик од затвор.
Американско-руската новинарка Алсу Курмашева е во притвор веќе осум месеци поради тоа што не се само-регистрирала. Новинарката од Прага на Радио Слободна Европа/Радио Слобода негира дека сторила нешто лошо и прекршила закон. Курмашева е една од двете американски новинарки што Русија ги држи во притвор.
Еван Гершкович, известувач на The Wall Street Journal, беше уапсен во март 2023 година. Руските власти го обвинуваат за шпионажа, нешто што неговото семејство, пријателите и колегите, велат дека не е точно.
„Апсењето на Еван и протерувањето на други странски новинари беше највисоката точка на деценискиот процес на заплашување на новинари“, вели Дру Хиншо од „Волстрит Журнал“.
Странските новинари во Русија се се помалубројни, а независните руски новинари имаат само две опции: да работат под радарот на властите и да бидат под голем ризик или да заминат во егзил. Ова е мрачен пејзаж за новинарите, кој не покажува знаци на промена во блиска иднина.
Facebook Forum