САД денес ја потврдија историската размена на затвореници со Русија, која вклучуваше ослободување на американските новинари Иван Гершкович и Алсу Курмашева, поранешниот американски маринец Пол Вилан и постојаниот жител Владимир Кара-Мурза.
Севкупно, САД обезбедија ослободување на 16 лица, вклучително и пет незаконски приведени Германци и седум руски државјани, во замена за осум држени во Америка, Германија, Полска, Норвешка и Словенија.
Тоа ја означи најголемата размена на затвореници меѓу САД и Русија од Студената војна.
„Денешната размена ќе биде историска. Од Студената војна немало сличен број на поединци разменети на овој начин“, изјави советникот за национална безбедност Џејк Саливан за новинарите на брифингот.
„Тоа е кулминација на многу рунди сложени, макотрпни преговори во текот на многу, многу месеци“.
Саливан рече дека договорот, исто така, означува првпат толку многу земји и сојузници да соработуваат за да обезбедат ослободување на незаконски приведени лица.
Покрај Американците, договорот обезбедува ослободување на германски државјани и руски политички затвореници, вклучувајќи ги Дитер Воронин, Кевин Лик, Рико Кригер, Патрик Шобел, Херман Мојжес, Илја Јашин, Лилија Чанишева, Ксенија Фадеева, Вадим Останин, Андреј Пивоваров, Олег Олов и Саша Скочиленко.
Од Американците, најдолго задржан беше Пол Вилан, поранешен американски маринец, кој беше уапсен во Москва во 2018 година.
Новинарот на „Вол Стрит Џурнал“ Гершкович и новинарката на Радио Слободна Европа Курмашева беа приведени во 2023 година и беа осудени во одделни затворени судења на 19 јули, кои нашироко беа оценети како лажни.
Ослободен е и Кара-Мурза, активист и колумнист за „Вашингтон пост“, притворен од април 2022 година.
Политичарот и историчарот доби Пулицерова награда за неговите писма напишани од затвор.
Од руска страна, Кремљ преговараше за ослободување на Вадим Красиков, Русин кој издржува доживотен затвор во Германија.
Саливан им рече на новинарите: „Стана јасно дека Русите нема да се согласат со ослободување на овие лица без размена во која беше вклучен и Вадим Красиков“.
Красиков беше осуден за убиство на чеченски дисидент во Берлин во 2019 година. Тој претходно беше во трка за размена на опозицискиот лидер Алексеј Навални, кој почина во февруари 2024 година.
Други поединци кои се вратија во Русија се Артем Викторович Дулцев и Ана Валеревна Дулцева од Словенија, Михаил Валериевич Микушин од Норвешка, Павел Алексејевич Рубцов од Полска и Роман Селезњев, Владислав Кљушин и Вадим Коношченок од САД.
Пол Бекет, помошник уредник на „Вол Стрит Џурнал“ , кој ја водеше кампањата на весникот за ослободување на Гершкович, изјави за Гласот на Америка претходно оваа година дека затворањето на неговиот колега ги истакнува опасностите со кои се соочуваат новинарите ширум светот.
„Тоа секако е потсетник за сите наши новинари кои се наоѓаат на опасни места дека новинарството е ризична работа“, рече Бекет.
„Тоа е благороден и ценет потфат што на некои влади во светот навистина не им се допаѓа“.
Курмашева е уредник од Прага во сестринскиот медиум на Гласот на Америка, Радио Слободна Европа.
Двојната американско-руска државјанка отпатувала во Русија во мај 2023 година за да се грижи за својата болна мајка.
Кога Курмашева се обидела да ја напушти земјата во јуни 2023 година, властите ѝ ги одзедоа пасошите, а таа чекаше да бидат вратени кога беше приведена во октомври 2023 година.
Курмашева не беше назначена од Стејт департментот на САД како незаконски притворена.
Висок официјален претставник на администрацијата за Гласот на Америка, сепак, изјави дека Курмашева станала дел од преговорите набргу откако била приведена, а САД со задоволство ја враќаат дома.
Сличен договор во 2022 година доведе до ослободување на американската кошаркарка Бритни Гринер во замена за рускиот дилер на оружје Виктор Бут, кој отслужуваше 25-годишна затворска казна во САД.
Сопругот на Курмашева, Павел Буторин, рече дека од нејзиното апсење, негова примарна грижа биле ќерките на двојката.
„Тие се доволно возрасни за да ја разберат бруталноста на режимот што ја зароби нивната мајка“, изјави тој за Гласот на Америка на почетокот на јули во нивниот дом во Прага.
„Сонуваме нашето семејство да се обедини по ова тешко искушение“.
Најстарата ќерка на двојката, Биби, рече дека ѝ недостигале малите моменти со нејзината мајка, како кога заедно слушале музика додека се возеле до училиште наутро.
„И на враќање дома од училиште, таа секогаш носеше грицки, а ние секогаш зборувавме за нашиот ден. Навистина ми недостига тоа“, рече таа.
Патси Видакусвара придонесе за овој извештај