Русија е подготвена да ја заврши војната во Украина „под соодветни услови“. Ова го изјави американскиот државен секретар Марко Рубио во интервју за Breitbart.
Тој рече дека е неопходно да се вклучат Киев и Москва на преговарачката маса, „почнувајќи од Русите“.
„Затоа се сретнавме со нив минатата недела, а главното прашање на таа средба беше „Дали сте заинтересирани да ставите крај на овој конфликт или не? Ако разговарате со некого во Европа, тие ќе ви кажат дека (Владимир) Путин не е заинтересиран за завршување на војната, тие рекоа дека ќе го завршат, под соодветни услови“, рече Рубио за состанокот на американската и руската делегација во Саудиска Арабија минатата недела.
Тој додаде: „Не разговаравме кои се овие услови. Значи, следниот чекор е да се сретнеме со нив повторно во одреден момент, со вистинската група луѓе во просторијата, и да започнеме да опишуваме што е потребно за Русија да ја запре војната? И очигледно треба да го поставиме истото прашање на Украина, бидејќи не можете да ја запрете војната ако двете страни не се согласат на тоа“.
Државниот секретар, исто така, го нарече Доналд Трамп „претседател за мир“ и истакна дека иако неговите обиди да постигне примирје во Украина „можеби нема да функционираат, зошто некој би го критикувал претседателот Трамп дека сака да стави крај на војната што чинеше милијарди долари, стотици илјади животи и огромно и постојано човечко страдање“.
Како што јави Гласот на Америка, Трамп вчера изјави:
„Со рускиот претседател Владимир Путин сум во сериозни разговори за завршување на војната, како и за главните операции за економски развој што ќе се случат меѓу САД и Русија“.
Во исто време, советникот за национална безбедност на Белата куќа Мајк Волц, на прашањето дали веќе има датум или јасни договори за претстојната лична средба меѓу Трамп и Путин, рече дека „се` уште не“.
Тој додаде дека „има голем број преговори и дискусии кои се водат на мое ниво и подолу, имаме дискусија за тоа како ќе изгледа ситуацијата во иднина со цел не само да се постигне прекин на огнот во Украина, туку и како ќе изгледаат односите меѓу САД и Русија во иднина во поширока смисла“.
Претходно Трамп изјави и дека на 25 февруари во Саудиска Арабија ќе се одржи нова фаза од преговорите за прекин на огнот меѓу американската и руската делегација.
Извор: Украинска редакција на Глас на Америка