Линкови за пристапност

Претставник на САД оди во Африка да укаже на штетата од излегувањето на Русија од договорот за жито


Американскиот потсекретар за финансии Брајан Нелсон ќе отпатува во Африка оваа недела, каде ќе се осврне на тоа како излегувањето на Москва од договорот за жито во Црното Море ќе им наштети на африканските држави.

Нелсон, кој патува во Кенија и Сомалија, ќе се осврне и на тоа дека Русија се откажала од договорот за жито и покрај напорите на Вашингтон да го олесни протокот на руско жито и извоз на ѓубрива, според портпаролот на Одделот за финансии.

„Тој ќе ги нагласи исклучоците од санкциите на САД кои секогаш дозволувале континуиран проток на трансакции со храна и земјоделство“, рече портпаролот за Нелсон.

Русија се повлече од договорот за жито минатата недела, тврдејќи дека нема доволно корист од паралелната иницијатива што ѝ овозможи на Москва да испраќа храна и ѓубрива низ целиот свет и покрај санкциите од Западот.

Посетата на Нелсон доаѓа додека рускиот претседател Владимир Путин се подготвува да ги пречека африканските лидери во Санкт Петербург в четврток и петок, ветувајќи им бесплатно руско жито за „да го замени украинското жито“.

Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) Антонио Гутереш, апелираше до Русија да го оживее договорот за жито во Црното Море, постигнат со посредство на ОН, за да се овозможи проток на извоз на жито од пристаништата на Украина во Црното Море.

За време на неговиот говор на отворањето на тридневниот самит за храна во Рим, Гутереш изрази жалење дека гладните во светот ќе бидат најмногу погодени доколку договорот не се обнови.

„Најранливите ќе платат највисока цена“, рече тој.

Договорот за жито го одржуваше извозот на жито во земјите во развој, особено во Африка и Блискиот Исток од инвазијата на Москва на Украина во февруари 2022 година.

Цените на пченицата се зголемија за повеќе од 14 отсто од понеделникот, кога Русија се повлече од договорот за жито, а цените на пченката се зголемени за повеќе од 10 отсто.

Русија одбива да го обнови договорот додека не се подигнат санкциите за рускиот извоз на храна и ѓубрива.

Претходно, руските воздушни напади ги погодија украинските магацини за жито на реката Дунав, оштетувајќи ја алтернативната транспортна рута на украинското жито таму и ранија седум лица.

Речиси 30 бродови се блокирани во близина на клучниот терминал на пристаништето Измаил во Украина.

„Русија се обидува целосно да го блокира извозот на нашето жито и да го натера светот да гладува“, изјави гувернерот на Одеса Олех Кипер на украинска телевизија.

Дунав е клучен алтернативен извозен пат за Киев откако Русија се повлече од договорот за жито во Црното Море.

Дел од информациите се од Асошиетед прес, Франс-прес и Ројтерс

XS
SM
MD
LG