Линкови за пристапност

Повеќе од 300.000 Палестинци се вратиле во градот Газа, соопштија властите


Раселени Палестинци се враќаат во своите домови во северниот дел на Газа, во услови на прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, во близина на градот Газа
Раселени Палестинци се враќаат во своите домови во северниот дел на Газа, во услови на прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, во близина на градот Газа

Владата на Хамас во појасот Газа соопшти дека повеќе од 300.000 луѓе раселени поради војната меѓу Израел и Хамас се вратиле во понеделникот во северниот дел на Газа, откако Израел ги отвори контролните пунктови и им дозволи на луѓето да се вратат во областа.

Палестинците, главно пешки, се враќаа назад за да видат дали нивните домови сè уште постојат откако беа принудени да ги напуштат во раните фази на војната.

Но, голем дел од регионот е срушен за време на израелските бомбардирања насочени кон милитантите на Хамас и зградите заробени од Хамас.

Околу милион луѓе добија наредба да излезат од северниот дел на Газа кога израелската офанзива започна во октомври 2023 година.

Војската досега го спречуваше нивното враќање.

Враќањето на Палестинците во градот Газа доаѓа во раните фази на шестнеделниот прекин на огнот меѓу Израел и Хамас што резултираше со ослободување на седум заложници држени во Газа, ослободување на 300 палестински затвореници кои ги држеше Израел и испраќање на хуманитарна помош во Газа.

Израелските власти вчера соопштија дека Хамас дал информации за останатите заложници што треба да бидат ослободени во првата фаза од прекинот на огнот, вклучително и дека осуммина од оние што се` уште се држат се мртви.

Следната рунда ослободување заложници треба да се одржи подоцна оваа недела.

Американскиот претседател Доналд Трамп во текот на викендов рече дека сака Јордан и Египет да примат повеќе раселени Палестинци како дел од напорите за „исчистување“ на Газа.

Но, двете земји го отфрлија предлогот, велејќи дека единствениот пат напред е создавање на палестинска држава заедно со Израел.

САД долго време ја поддржуваат палестинската државност, но израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се откажа од идејата.

Војната во Газа започна со нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година во кој загинаа 1.200 луѓе и беа земени 250 заложници.

Во израелската контраофанзива во Газа загинаа најмалку 47.300 луѓе, повеќето жени и деца, според здравствените власти.

Израелската војска соопшти дека бројот на загинати вклучува 17.000 милитанти.

Се верува дека Хамас држи околу 60 заложници и останки на околу 30 други.

Некои информации во текстот се од Асошиетед прес, Франс прес и Ројтерс

XS
SM
MD
LG