Наама Леви, 20-годишната Израелка со далечно македонско потекло, денеска (25 јануари) беше ослободена од заложништво на Хамас. Таа е една од четирите заложнички, припаднички на Израелската армија, кои беа ослободени во мировниот процес за размена на затвореници меѓу Израел и Хамас.
Тие беа киднапирани за време на терористичкиот напад на Хамас на 7 октомври 2023 година.
Наама Леви, како и другите заложнички, биле пренесени со хеликоптер на израелската армија, при што први со нив се сретнале нивните најблиски роднини. На видеото што го објави израелската армија, Леви на табла, на англиски и на хебрејски јазик напиша: „Конечно дома“.
Како што објавивме во неколку наврати претходно, македонската врска на Леви е нејзината чукун баба, Грасиа Бивас. Таа била родена во Македонија во 1893 година, во семејство на Хаим и Сара Бивас.
Бабата, како девојче, околу 1900та година, заминала во Израел каде што низ годините основала семејство. Девојката Наама Леви е една од нејзините потомци.
Претставници од еврејската заедница од Северна Македонија, како и претставници од роднините на Леви, бараа помош и од македонските власти за нејзино ослободување базирано на нејзиното македонско потекло.
Денешното ослободување на израелските заложнички е дел од кревкиот мировен договор меѓу Израел и Хамас. За возврат Израел денеска ослободил 200 палестински затвореници.
Кои се ослободените?
Четирите припаднички на израелската армија што денеска беа ослободени од залошништво, покрај Наама Леви, која веќе наполни 20 години се и Карина Ариев (20), Даниела Гилбоа (20) и Лири Албаг (19). Тие биле киднапирани од базата Нахал Оз во близина на границата со Газа, каде палестинските милитанти, при упадот убиле повеќе од 60 војници.
Од истата база била киднапирана и петта жена војник, Агам Бергер (20). Таа, како што објави Асошиејтед прес, сè уште е во заложништво.
Меѓу ослободените 200 палестински затвореници, пак, се Мохамад Одех (52) и Ваел Касим (54), обвинети за извршување напади на Хамас против Израелците, вклучително и бомбашки напад во кафетерија на Хебрејскиот универзитет во Ерусалим во 2002 година, во кој загинаа девет лица, меѓу кои и петмина американски државјани.
Што е следно во прекинот на огнот
Дваесет и шест други заложници треба да бидат ослободени во шестнеделната прва фаза на примирјето, заедно со уште стотици палестински затвореници. Следната размена се очекува да се реализира следната сабота.
Во нападот на Хамас врз Израел 7 октомври загинаа околу 1.200 луѓе, главно израелски цивили, а околу 250 други беа однесени како заложници. Над 100 беа ослободени во еднонеделното примирје еден месец после нападот. Израел верува дека најмалку една третина од над 90-те заробеници се мртви.
Во војната загинаа над 47.000 Палестинци, според локалните здравствени власти, кои не кажуваат колку од нив биле милитанти, но велат дека жените и децата сочинуваат повеќе од половина од загинатите.
Делови во овој извештај се преземени од Асошиејтед прес
Facebook Forum