Линкови за пристапност

Следното ослободување на заложници од Газа ќе биде во сабота, вели Хамас


Палестинци носат работи среде урнатини во јужниот град Рафа во Газа на 20 јануари 2025 година
Палестинци носат работи среде урнатини во јужниот град Рафа во Газа на 20 јануари 2025 година

Хамас вели дека ќе ослободи уште една група заложници в сабота, како што примирјето со Израел се одржува веќе трет ден и хуманитарните агенции на Обединетите нации (ОН) пренесоа помош во Газа за да им помогнат на палестинските цивили.

Претставник на Хамас денес изјави за агенцијата Франс прес дека следната група заложници ќе бидат четири Израелки, кои ќе бидат ослободени во замена за голем број палестински затвореници кои ги држи Израел.

Преостануваат повеќе од пет недели до почетокот на втората фаза, а остануваат прашањата за тоа колку брзо и успешно Израел и Хамас ќе преговараат за условите од следната фаза.

Американскиот претседател Доналд Трамп, кој ја презеде функцијата вчера, откако официјални лица од неговиот тим и администрацијата на поранешниот претседател Џо Бајден притиснаа да се постигне прекин на огнот пред промената на власта, изрази некои сомнежи за примирјето.

„Не сум сигурен“, им рече Трамп на новинарите во понеделникот.

„Тоа не е наша војна. Тоа е нивна војна“.

Трамп рече дека неговата администрација „можеби“ ќе помогне во напорите за обнова во Газа.

Петнаесет месеци војна го опустоши појасот Газа, уништувајќи многу од домовите во кои Палестинците кои избегаа во потрага по безбедност се надеваа дека ќе се вратат со прекин на борбите.

Прекинот на огнот досега вклучуваше враќање на тројца заложници кои беа држени во Газа, како и на 90 палестински затвореници кои ги држеше Израел.

Канцеларијата на Обединетите нации (ОН) за координација на хуманитарни прашања, соопшти дека 915 камиони со помош влегле во Газа во понеделникот.

Тековниот конфликт започна на 7 октомври 2023 година, кога Хамас, терористичка група означена од САД, го нападна Израел, убивајќи 1.200 луѓе и зеде 250 заложници.

Во израелската контраофанзива во Газа загинаа повеќе од 47.000, од кои повеќето жени и деца, според Министерството за здравство во Газа.

Некои информации во текстот се од Асошиетед прес, Ројтерс и Франс-прес

XS
SM
MD
LG