Линкови за пристапност

Илјадници чекаат да се вратат во Газа, Трамп ги повика Јордан и Египет да примат повеќе Палестинци


Раселените Палестинци ги носат своите работи по нивното враќање во центарот на Рафа во јужниот дел на појасот Газа на 19 јануари 2025 година, откако стапи на сила прекинот на огнот меѓу Израел и Хамас
Раселените Палестинци ги носат своите работи по нивното враќање во центарот на Рафа во јужниот дел на појасот Газа на 19 јануари 2025 година, откако стапи на сила прекинот на огнот меѓу Израел и Хамас

Десетици илјади Палестинци чекаа, блокирани на патот, да се вратат во своите домови во северниот дел на Газа во неделата, изразувајќи фрустрација откако Израел го обвини Хамас за прекршување на договорот за прекин на огнот и одби да ги отвори премините.

Еден ден по втората размена на израелски заложници држени во Газа за палестински затвореници во израелските затвори, задржувањето ги истакна ризиците на примирјето меѓу милитантната група и Израел, долгогодишни противници во серијата војни во Газа.

Во централните области на Газа, колони луѓе чекаа покрај главните патишта што водат кон север, некои во возила, а некои пеш, велат очевидци.

„Море луѓе чека сигнал да се вратат во градот Газа и на север, на луѓето им е преку глава и сакаат да си одат дома“, рече Тамер Ал-Бураи, раселено лице од градот Газа.

„Ова е договорот што беше потпишан, нели“?

„Многу од тие луѓе не знаат дали нивните куќи се` уште постојат дома. Но, тие сакаат да си одат без разлика, сакаат да ги постават шаторите покрај урнатините на нивните куќи, сакаат да се чувствуваат како дома“, изјави тој за Ројтерс преку апликација за разговор.

Во неделата, очевидци рекоа дека многу луѓе спиеле во текот на ноќта на главната сообраќајница што се протега од север кон југ и на крајбрежниот пат што води север, чекајќи да поминат покрај израелските воени позиции.

Според договорот склучен со египетските и катарските посредници и поддржан од САД, Израел требаше да им дозволи на Палестинците раселени од домовите на северот да се вратат во своите домови.

Но, Израел рече дека неуспехот на Хамас да го предаде списокот со детали кои од заложниците планирани за ослободување се живи значи дека бил прекршен договорот.

Како резултат на тоа, контролните пунктови во централниот дел на појасот Газа нема да бидат отворени за да се дозволат премини во северниот дел на појасот Газа, се вели во соопштението.

Хамас издаде соопштение во кое го обвини Израел за застој и го смета за одговорен за одложувањето.

Во саботата, американскиот претседател Доналд Трамп ѝ наложи на американската војска да пушти бомби што неговиот претходник Џо Бајден наредил да не се доставуваат до Израел поради загриженоста за нивното влијание врз цивилното население во Газа.

Тој, исто така, ги повика Египет и Јордан да примат повеќе Палестинци од Газа или привремено или трајно, велејќи дека „треба само да ја расчистиме целата работа“.

Официјален претставник на Хамас, палестинската милитантна група која раководи со Газа, реагираше со сомнеж за изјавите, повторувајќи ги долгогодишните палестински стравови дека трајно ќе бидат протерани од нивните домови.

Палестинците „нема да прифатат никакви понуди или решенија, дури и ако [таквите понуди] се чини дека имаат добри намери под превезот на реконструкција, како што е најавено во предлозите на американскиот претседател Трамп“, рече Басем Наим, член на политичкото биро на Хамас.

Израелската војска упати предупредувања до Палестинците да не се приближуваат до нејзините позиции во Газа и рече дека војниците испукале предупредувачки истрели во неколку наврати, но рече дека „засега не сме свесни за каква било штета предизвикана на осомничените како резултат на пукањето“.

XS
SM
MD
LG