Линкови за пристапност

Поглед на речиси 50-те години на Бајден во политиката на САД


АРХИВА - Американскиот претседател Џо Бајден мавта со неговата десна рака додека тој се упатува кон Рехобот Бич, Делавер, на јужниот тревник на Белата куќа во Вашингтон, 7 август 2022 година.
АРХИВА - Американскиот претседател Џо Бајден мавта со неговата десна рака додека тој се упатува кон Рехобот Бич, Делавер, на јужниот тревник на Белата куќа во Вашингтон, 7 август 2022 година.

Клучни моменти во кариерата на Џо Бајден, како претседател, потпретседател и сенатор

Американскиот претседател Џо Бајден, кој објави дека нема да се кандидира за реизбор на овогодинешните претседателски избори, во Вашингтон служеше речиси половина век – во Сенатот, како потпретседател и, на крајот, во Овалната канцеларија.

Кога Бајден ќе ја напушти Белата куќа во јануари догодина, тој речиси целата своја кариера ќе ја помине во политката и тоа на национално ниво. Со наполнети 82 години во ноември, Бајден ќе биде во јавниот живот подолго отколку некои негови живи колеги од Демократската партија.

Прашањата за возраста на Бајден ја прекинаа неговата кариера во Вашингтон.

Во 1972 година, тој ги изненади демократите со победата во трката за Сенатот на 29-годишна возраст, станувајќи шестиот најмлад сенатор во американската историја. Сега неговата возраст е една од клучните причини што ги натера демократските лидери да го повикаат да се повлече од претседателските избори закажани во ноември, при што анкетите покажуваат дека повеќето Американци веруваат дека тој е премногу стар за да одработи уште еден претседателски мандат.

Децениите на Бајден како избран функционер донесоа успеси и неуспеси во неговата кариера. Еве еден преглед на клучните моменти во кариерата на Бајден.

Претседателскиот мандат

Годините на Бајден како претседател беа обележани со бројни глобални предизвици, меѓу кои пандемија со Ковид-19, руската инвазија на Украина, охрабрената Кина и економските и социјалните последици од сите нив.

На домашен план, Бајден се бореше да се справи со инфлацијата - највисока во последните четири децении - што нагло ги зголеми трошоците за живот на Американците, како и со зголемената миграција долж јужната граница на САД и прашањата за социјална, расна и родова правда.

Бајден, како претседателски кандидат во 2020 година, вети дека ќе ја врати почитта кон Белата куќа по администрацијата на поранешниот претседател Доналд Трамп, обележана речиси на дневна основа со неумерени пораки на Твитер насочени кон демократите, неговите политички непријатели во Републиканската партија и националните медиуми. Бајден вети дека ќе работи со припадниците на двете партии во Конгресот за да ја напредне неговата законодавна агенда.

До одреден степен, Бајден беше успешен, освојувајќи неколку републикански гласови за клучните закони како на пример да потроши милијарди долари за поправка на старите и патишта и мостови во земјата, за промовирање на американското производство на компјутерски чипови и воведување нови контроли за оружје – првпат донесен закон по речиси три децении во САД.

АРХИВА - Американскиот претседател Џо Бајден зборува за време на состанок во кабинетот на Белата куќа, 3 март 2022 година, во Вашингтон.
АРХИВА - Американскиот претседател Џо Бајден зборува за време на состанок во кабинетот на Белата куќа, 3 март 2022 година, во Вашингтон.

Во одделни закони, демократите, поради обединетата републиканска опозиција, одобрија нацрт-закон за економско олеснување заради коронавирусот, а подоцна и план од 369 милијарди американски долари за да помогнат во контролата на ефектите од климатските промени, најголемата таква распределба на средства на САД досега за да помогне во заштитата на животната средина.

Сепак, значителната државна потрошувачка се покажа како проблематична, при што некои економисти обвинуваат за неконтролираното зголемување на малопродажните цени во САД.

Во можеби неговото најголемо надворешнополитичко достигнување, Бајден ја предводеше коалицијата на западните земји која испрати вооружување во вредност од милијарди долари во Украина за да ѝ помогне на војската на Киев да се брани од руските сили која првично очекуваше да го прегази главниот град за неколку дена по нивната инвазија во февруари 2022 година. Сепак, дури и со непоколебливата поддршка на Бајден, војната продолжува без крај на повидок.

Исто така, на надворешен фронт, рејтингот на Бајден нагло се намали откако 13 американски војници беа убиени при повлекувањето на американските и сојузничките сили од Авганистан.

Исто така, конфликтот Израел-Хамас на Бајден му донесе предизвици Тој застана на страна на Израел дури и среде пропалестински протести низ кампусите на американските колеџи. Како што војната се одолговлекува, сега во својот 10-ти месец, Бајден повика на нејзино прекинување и стана критички настроен кон однесувањето на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во конфликтот.

Периодот како потпретседател

Пред Бајден да се кандидира за Белата куќа во 2020 година, тој беше главен советник на претседателот Барак Обама за време на неговите осум години како потпретседател, почнувајќи од 2009 година.

Бајден беше задолжен за многу големи проекти, вклучително и повлекување на американските војници од Ирак и распределба на стотици милијарди федерални долари на државните и локалните власти за да ѝ помогне на економијата да закрепне од рецесијата, и тесно соработуваше со тогашниот лидер на малцинството во Сенатот Мич Меконел за да се избегне затворање на владата и неспособност на државата да ги исплати долговите.

Кога Обама го изненади Бајден во 2017 година доделувајќи му го највисокото цивилно признание на нацијата, Претседателскиот медал на слободата, Обама го опиша како „најдобриот потпретседател што Америка некогаш го имала“.

АРХИВА - Американскиот претседател Барак Обама се смее со потпретседателот на САД Џо Бајден за време на церемонија во Белата куќа во Вашингтон, 12 јануари 2017 година.
АРХИВА - Американскиот претседател Барак Обама се смее со потпретседателот на САД Џо Бајден за време на церемонија во Белата куќа во Вашингтон, 12 јануари 2017 година.

Двајцата беа многу приврзани, опишано во безброј интернет мемиња, а нивните семејства исто така беа блиски, вклучувајќи го и пријателството меѓу првата дама Мишел Обама и втората дама Џил Бајден, како и со пријателствата меѓу ќерките на Обама и внуките на Бајден.

Обама го избра Бајден за потпретседателски кандидат поради долгогодишното искуство на Бајден на меѓународната сцена како американски сенатор, за што Обама се надеваше дека ќе го балансира неговото ограничено искуство во таа област.

Бајден долго време се сметаше за можен наследник на Обама, но тој не се кандидираше за претседател во 2016 година, по смртта на неговиот син Бо од рак на мозокот на 46-годишна возраст. Сепак, во извештај на „Њујорк тајмс“ во 2019 година беше наведено дека Обама го обесхрабрил Бајден да се кандидира за претседател во 2016 година, бидејќи верувал оти тогашната фаворитка Хилари Клинтон имала најголеми шанси да победи на општите избори.

Годините во Сенатот

Откако Бајден победи во трката за Сенатот како претставник од сојузната држава Делавер во 1972 година, тој ги помина наредните 36 години во овој дом, и повеќето денови патуваше на релација Вилмингтон – Вашингтон – Вилмингтон. Тој се искачи низ редовите на демократите и двапати беше претседател на моќниот Комитет за надворешни односи и еднаш беше претседател на Комисијата за правосудство во Сенатот.

Познат како некој кој би можел да работи со републиканците како Џон Мекејн и Чак Хегел, Бајден отсекогаш се залагал за двопартизација. Сепак, и покрај неговите врски со републиканските пратеници, тој се бореше да ги обнови своите законодавни успеси кога дојде на претседателската функција.

АРХИВА - Американскиот претседател Бил Клинтон разговара со сенаторот Џо Бајден на состанокот со службениците за спроведување на законот во Александрија, во сојузната држава Вирџинија, 14 јануари 1999 година.
АРХИВА - Американскиот претседател Бил Клинтон разговара со сенаторот Џо Бајден на состанокот со службениците за спроведување на законот во Александрија, во сојузната држава Вирџинија, 14 јануари 1999 година.

Успесите на Бајден во Сенатот вклучуваа спонзорирање на Законот против насилство врз жените, што го олесни гонењето на семејното насилство, сексуалните напади, насилството при запознавања на потенцијални партнери и следењето. Тој, исто така, помогна да се усвои предлог-законот за Брејди, кој бараше проверка на историјата на купувачот на огнено оружје.

Критичарите велат дека во ретроспектива, некои од неговите гласови биле неуспешни. Бајден изрази жалење за неколку од неговите одлуки на Сенатот, вклучително и поддршката на законот за криминал од 1994 година, кој придонесе за повисоки стапки на затворање на Афроамериканците и неговиот глас за одобрување на инвазијата на Ирак во 2003 година.

Тој, исто така, беше критикуван за неговата улога како претседател на сослушувањата за потврдување на судијата на Врховниот суд во 1991 година, Кларенс Томас, кој беше обвинет за сексуално вознемирување од Анита Хил. Во 2019 година, Бајден понуди извинување за ситуацијата, велејќи: „До денешен ден жалам што не можев да најдам начин како да ја сослушаме Хил онака како што заслужуваше“. Хил и нејзините поддржувачи го обвинија Бајден дека не направил доволно за да ја заштити од оцрнување за време на сослушувањето.

Претседателски кандидат

Пред неговите успешни претседателски избори во во 2020 година, Бајден претходно двапати се кандидираше за претседател, во 1988 и 2008 година да ја добие номинацијата на неговата Демократска партија, но не успеа.

Тој на крајот победи на националните избори во 2020 година против Трамп, кој одби да ја признае победата на Бајден и продолжи со лажни тврдења дека реизборот му бил украден со измама на гласачите и нерегуларности при пребројувањето на гласовите. Бајден тесно победи на изборите со заземање на неколку одлучувачки сојузни држави за да го освои Изборниот колеџ со разлика од 306 спрема 232, истата вкупна вредност што Трамп ја прогласи за „убедлива“ кога ја освои претседателската функција во 2016 година.

Бајден освои седум милиони гласови повеќе од Трамп, но американските претседатели всушност ја добиваат функцијата на изборите во поединечни сојузни држави, при што најнаселените држави имаат најмногу гласови во Изборниот колеџ и со тоа најмногу влијаат во одредувањето на изборниот резултат.

Кога ја презеде функцијата претседател на 20 јануари 2021 година, Бајден, на 78 години, стана најстариот претседател на САД, надминувајќи го Трамп, кој имаше 70 години кога влезе во Белата куќа во 2017 година.

XS
SM
MD
LG