Министрите за надворешни работи на НАТО отворија дводневни разговори денес во Брисел, а поддршката за Украина е високо на агендата додека земјата се бори да се одбрани од руската инвазија која започна пред речиси три години.
Сојузниците веќе ветија стотици милиони долари нова воена помош пред состаноците, вклучително и нови рунди помош од САД и Германија.
Шефот на НАТО Марк Руте, денес изјави за новинарите дека сојузниците „треба да ја продолжат нашата цврста поддршка“ и дека воената помош е најклучната задача во овој момент.
Покрај министерските разговори за НАТО, на агендата е и последната рунда состаноци за советот НАТО-Украина додека украинските власти се залагаат за членство во Алијансата.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во неделата изјави дека поканата за членство во НАТО „фундаментално ќе ја зајакне Украина пред какви било преговори за ставање крај на војната“.
Лидерите на НАТО постојано велат дека иднината на Украина е во НАТО, но дека земјата нема да може да се приклучи додека трае руската војна.
Руте денес рече дека колку е посилна воената поддршка на НАТО за Украина сега, толку посилна ќе биде позицијата на Украина на сите подоцнежни мировни преговори со Русија.
Портпаролот на американскиот Стејт департмент Метју Милер даде слични коментари вчера, велејќи им на новинарите дека САД се фокусирани на „да ѝ помогнат на Украина да биде во најсилната можна позиција на бојното поле и да се осигури дека тие се способни да се одбранат сега и на долг рок“.
Руте, исто така, изрази загриженост и ја осуди надворешната поддршка за воените напори на Русија.
„Кина е активна во заобиколувањето на санкциите, активна е преку стоки со двојна употреба што ги испорачуваат во Русија, и затоа Кина, но и Иран и Северна Кореја, сите тие се вклучени во целосниот напад на Русија врз Украина“, рече Руте.
Иран испорача беспилотни летала за руските сили, додека Северна Кореја испрати илјадници војници во Русија.
Некои информации се од Асошиетед прес и Ројтерс