Линкови за пристапност

Путин се закани дека ќе ги нападне центрите за одлучување во Киев


Жена стои на балкон над електричен генератор во Киев, Украина, на 28 ноември 2024 година, по руските напади врз украинската енергетска инфраструктура
Жена стои на балкон над електричен генератор во Киев, Украина, на 28 ноември 2024 година, по руските напади врз украинската енергетска инфраструктура

Рускиот претседател Владимир Путин денес се закани дека ќе ги нападне „центрите за одлучување во украинската престолнина Киев“, со новите руски хиперсонични крстосувачки ракети Орешник, откако ја погоди украинската енергетска инфраструктура и им ја исклучи струјата на повеќе од еден милион луѓе ширум земјата.

„Не ја исклучуваме употребата на Орешник против воените, воено-индустриските или центрите за одлучување, вклучително и во Киев“, рече Путин на прес-конференција во Астана, главниот град на Казахстан.

Тој рече дека го извршил нападот со беспилотни летала и ракети во четвртокот против енергетската инфраструктура на Украина како одговор на украинските напади на руска територија со американски ракети АТАКМС со среден дострел.

Нападот го означи вториот голем напад на Русија врз енергетската инфраструктура на Украина овој месец. Официјалните лица рекоа дека тоа е 11-ти голем напад врз енергетскиот систем на Украина од март.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Москва за „ужасна ескалација“, велејќи дека користела крстаречки ракети со касетна муниција.

Путин, исто така, рече дека идните цели на Русија би можеле да вклучуваат „центри за донесување одлуки“ во главниот град на Украина, Киев.

Украина ја повика меѓународната заедница да одговори на заканите на Путин да ги таргетира владините центри во Киев.

„Очекуваме оние земји кои ги повикаа сите да го спречат проширувањето на војната, да реагираат на изјавите искажани од Путин денес“, рече украинското Министерство за надворешни работи.

Покрај тоа што повеќе од еден милион луѓе загубија струја по нападите, уште милиони се соочија со ескалација на веќе постоечките прекини на струја.

Украинските воздухопловни сили соопштија дека Русија користела 91 ракета и 97 беспилотни летала во нападот. Воздухопловните сили соопштија дека 12 од тие ги погодиле нивните цели, од кои повеќето биле капацитети за енергија и гориво. Сите проектили или беспилотни летала насочени кон Киев се соборени, соопштија официјални лица.

„Непријателот користи голем број проектили и беспилотни летала. Нивната масовна употреба во одредени области често го надминува бројот на средства за покривање [воздушна одбрана]“, се вели во соопштението на воздухопловните сили.

Официјални лица изјавија за Ројтерс дека неколку нуклеарни енергетски единици биле исклучени од мрежата за време на нападите.

Шефот на претседателскиот кабинет на Украина Андриј Јермак, во објава на Телеграм, рече дека Русија складирала проектили за да ја нападне украинската инфраструктура и да води војна против цивилите за време на студената сезона, објави Асошиетед прес.

Вчера, украинското Министерство за надворешни работи ги повика своите партнери да ја забрзаат испораката на воена помош, велејќи дека тоа е поважно од мобилизација на повеќе војници.

„Сега сме во ситуација кога ни треба повеќе опрема за да ги вооружиме сите луѓе кои се веќе мобилизирани и мислиме дека прв приоритет е да испратиме побрза и побрза воена помош“, рече украинското МНР.

Изјавата доаѓа еден ден откако висок американски функционер изјави во средата дека Украина треба да размисли за намалување на старосната граница за воена служба за своите војници од 25 на 18 години, со цел да ги замени оние што се изгубени на бојното поле.

Во четвртокот, шефот на кабинетот на украинскиот претседател Андриј Јермак изјави дека Украина е подготвена да биде домаќин на втор глобален самит чија цел е да се стави крај на руската инвазија во „најблиска иднина“, според локалните медиуми.

Киев беше домаќин на својот прв „мировен самит“ во јуни во Швајцарија. Русија не беше поканета.

Говорејќи во Казахстан вчера, Путин рече дека нема предуслови за почеток на разговори со Украина за можен мировен договор, но дека условите што тој ги постави во јуни за договорот остануваат исти.

Во јуни, Путин рече дека Русија ќе ја заврши војната само ако Киев се согласи да се откаже од амбициите за НАТО и да предаде цели четири украински провинции на Москва.

Киев ги отфрли тие барања, велејќи дека тоа би било предавање.

Некои информации во текстот се од Асошиетед прес, агенцијата Франс-прес и Ројтерс

XS
SM
MD
LG