Соединетите Американски Држави ќе и испорачаат повеќе од 500 ракети пресретнувачи на Украина во следните неколку недели, со што ќе се забрза испораката на воената помош на Вашингтон за оваа земја разурната од војна, објави во саботата Волстрит журнал.
Цитирајќи неименуван функционер на Пентагон, Волстрит журнал објави дека пред претседателските избори во САД, на кои поранешниот републикански претседател Доналд Трамп ја победи својата демократска противкандидатка, потпретседателката Камала Харис, американската администрација имала намера да го достави остатокот од својата помош за Украина до април.
Испораката на пресретнувачите за ракетниот одбранбен систем Патриот и Националниот напреден ракетен систем земја-воздух, треба да ги задоволи потребите на Украина за воздушна одбрана до крајот на оваа година, пишува весникот, цитирајќи неименуван американски функционер.
Ројтерс не можеше независно да го потврди извештајот на Волстрит журнал.
Кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, украинското Министерство за одбрана, Пентагон и американскиот Стејт департментот не одговорија веднаш на барањата на Ројтерс за коментар.
Зеленски со месеци бараше повеќе оружје и сојузници од НАТО да и помогнат на Украина да нападне длабоко во Русија со западни ракети со долг дострел.
Во петокот, администрацијата на претседателот Џо Бајден соопшти дека ќе им дозволи на американските одбранбени изведувачи да работат во Украина за одржување и поправка на оружјето обезбедено од Пентагон.
Извор: Ројтерс
Facebook Forum