Линкови за пристапност

Одговорноста за ескалацијата во Украина е целосно на Русија, вели Белата куќа


Ескалацијата во секоја фаза дојде од Русија, рече портпаролката на Белата куќа Карин Жан-Пјер, додавајќи дека САД ја предупредиле Москва за недозволивоста да бидат вклучени „други земји“ во украинскиот конфликт
Ескалацијата во секоја фаза дојде од Русија, рече портпаролката на Белата куќа Карин Жан-Пјер, додавајќи дека САД ја предупредиле Москва за недозволивоста да бидат вклучени „други земји“ во украинскиот конфликт

Белата куќа вчера соопшти дека одговорноста за ескалацијата на конфликтот во Украина, вклучително и вмешаноста на севернокорејските трупи, е целосно на Русија.

„Ескалацијата во секоја фаза дојде од Русија“, рече портпаролката на Белата куќа Карин Жан-Пјер, додавајќи дека САД ја предупредиле Москва за недозволивоста да бидат вклучени „други земји“ во украинскиот конфликт.

Жан-Пјер увери дека администрацијата во заминување на претседателот Џо Бајден ќе продолжи активно да ѝ помага на Украина во преостанатите месеци до истекот на мандатот на актуелниот шеф на државата.

Во средата Русија ја нападна Украина со нова балистичка ракета со среден дострел, што според аналитичарите е одговор на одлуката на Бајден да му дозволи на Киев да користи американски ракети со долг дострел за да ја нападне Русија.

Жан-Пјер одби да ја коментира промената на позицијата на САД за ракетите ATACMS, за која првпат беше објавена во текот на викендот.

„Тие (Русија) продолжуваат да ескалираат. Ние ќе продолжиме да ја поддржуваме Украина во нејзината борба против оваа агресија“, рече портпаролката.

Таа додаде дека САД не гледаат причина да ја променат својата нуклеарна доктрина, по ажурирањата на руската нуклеарна доктрина, како што рече претседателот Владимир Путин еден ден претходно.

Портпаролката на Белата куќа ја осуди „неодговорната“ реторика на Москва.

„Не гледаме причина да ја прилагодиме нашата нуклеарна доктрина или позиции како одговор на изјавите на Русија“, нагласи Жан-Пјер.

Според западните и украинските разузнавачки служби, Русија донела најмалку 10.000 севернокорејски војници, од кои некои се стационирани во областа Курск, за да ја зајакне својата позиција.

Жан-Пјер го нарече ова доказ за „очајот“ на Москва.

„Сега тие трпат големи загуби и затоа се свртуваат кон Северна Кореја во потрага по воена сила“, рече таа.

Рускиот претседател Владимир Путин ја нарече употребата на ракетата „орешник“ со нуклеарен капацитет како рутински тест во рамките на конфликтот.

„Руската Федерација тестираше балистичка ракета со среден дострел, позната како Орешник, за време на нејзината операција во Украина“, рече тој.

Иако тој понуди неколку технички детали, аналитичарите рекоа дека употребата на ракетата и признавањето на Путин се чини дека имаат намера да ги покажат воените способности на Русија пред НАТО и САД.

XS
SM
MD
LG