Долг пат на проценки на македонското законодавство, институции, административна машинерија, реформи, адаптации следат откако денеска во Брисел беше одржан првиот состанок со кој се означи старт на скринингот со ЕУ.
„Овој процес е голема можност за вас да направите една самооценка на вашите политики и законодавство за да утврдите до каде сте во исполнувањето на критериумите зададени во законодавството“, рече еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји на првата работна средба откако рано утринава се одржа и првата меѓу-владина конференција со која се означи почеток на пристапните преговори со Унијата.
„Процесот на скрининг е можност за граѓанското општество, деловната заедница и граѓаните да се запознаат поблиску со европските политики. Скринингот на сите засегнати страни ќе им помогне да се фокусираат на оние работи што ги засегаат сите, воздухот, храната, здравствениот сектор, заштита на личните податоци, снабдување со енергија, енергенси“, беа дел од точките што ги наведе еврокомесарот Вархеји.
Комесарот додаде дека процесот што денеска почнува е рамка за сериозна реформска програма.
„Треба да има јасна правична анализа на состојбите за тоа што треба да се направи во иднина. Денес го правиме првиот чекор во процесот на пристапување“, рече Вархеји.
Еврокомесарот воедно додаде дека со новата методологија за пристапни преговори, процесот би можел да оди побрзо. Тој изрази и надеж дека првите извештаи од скринингот ќе дојдат во првото тромесечје од идната година.
Во рамките на конференцијата, вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ истакна дека ќе бидат неопходни дополнителни состаноци на техничко ниво, а на кои би се објаснила подетално новата методологија на пристапување кон ЕУ.
„Очекуваме новата методологија да ја покаже и докаже својата цел во насока на динамизирање на пристапните преговори, трансформација на нашите општества.. За нас е многу важно да имаме заедничко разбирање како ќе се примени и како најдобро да се подготвиме и да одговориме на овие новини. Особено во подготовката на патоказите за функционирање на демократските институции, реформите на јавната администрацијата, но и владеење на правото“, рече Маричиќ и додаде дека скринингот ќе даде јасен преглед за реформите што треба да се направат во годините што следат.
Министерот за надворешни работи, пак, Бујар Османи, посочи дека следи процес на напорна работа.
„Од сега од нас ќе зависи. Да ги мобилизираме нашите вредни административни ресурси и да не застанеме додека не станеме дел од европското семејство“, рече Османи.
Шефот на дипломатијата воедно додаде дека земјата ќе остане посветена на спроведување на Преспанскиот договор со Грција и на Договорот за добрососедство со Бугарија.
„Идентичен и конзистентен однос очекуваме и од нашите партнери, додаде Османи.
Што е скрининг со ЕУ?