Линкови за пристапност

Околу 4% од Американците над 65 години имаат деменција, покажа нова студија


ЦДЦ соопштија дека 1,7% од возрасните на возраст од 65 до 74 години пријавиле дијагноза на деменција, стапка која се зголемувала со возраста
ЦДЦ соопштија дека 1,7% од возрасните на возраст од 65 до 74 години пријавиле дијагноза на деменција, стапка која се зголемувала со возраста

Околу 4% од возрасните во САД на 65 години и постари велат дека им е дијагностицирана деменција, стапка која достигна 13% за оние на возраст од најмалку 85 години, според извештајот од национално истражување објавено денес.

Извештајот издаден од Центрите за контрола и превенција на болести на САД (ЦДЦ) се заснова на националното истражување на здравје од 2022 година, со репрезентативен примерок на возрасни лица од САД на возраст од 18 години и постари.

Истражувањето во 2019 година ја додаде опцијата да се пријави деменција, вклучително и Алцхајмерова болест, на прашањата за здравствените состојби дијагностицирани од лекар.

ЦДЦ соопштија дека 1,7% од возрасните на возраст од 65 до 74 години пријавиле дијагноза на деменција, стапка која се зголемувала со возраста.

За оние на возраст од 75 до 84 години, пријавената стапка на деменција била 5,7%.

Агенцијата спровела лични или телефонски интервјуа со 8.757 луѓе на возраст од 65 години и постари кои биле прашани дали им била дијагностицирана некоја форма на деменција.

Елен Крамароу, водечки автор на извештајот, рече дека проценките за дијагнозата на деменција се генерално слични од 2019 до 2022 година, додавајќи дека тие „не го гледаат ова како мерка што ќе има големи промени од година в година“.

Алцхајмеровата болест е водечка причина за деменција, која вклучува губење на меморијата, говор, решавање проблеми и други когнитивни способности доволно сериозни за да влијаат врз секојдневниот живот, според Здружението за Алцхајмерова болест.

Извештајот на ЦДЦ покажа дека дијагнозите на деменција биле најниски кај луѓето со факултетски дипломи и највисоки кај луѓето со пониско од средно образование.

Неколку студии сугерираат дека луѓето со повисоко ниво на образование имаат поголеми когнитивни резерви кои можат привремено да ги одложат симптомите на деменција.

Вкупните проценки се слични со другите национални истражувања, како што е анкета на Медикеар од 2021 година, која процени дека скоро 3% од корисниците на Медикеар кои не живеат во домови за стари лица или установи за долгорочна нега, имале дијагноза на Алцхајмерова болест или друг вид на деменција.

XS
SM
MD
LG