Осаменоста со која се соочуваат многумина во САД носи ризици по здравјето исто толку смртоносни како и пушењето десетина цигари дневно, што ја чини здравствената индустрија милијарди долари годишно, рече американскиот генерален хирург Вивек Мурти.
Околу половина од возрасните во САД велат дека доживеале осаменост, рече Мурти.
„Сега знаеме дека осаменоста е вообичаено чувство што го доживуваат многу луѓе. Тоа е како глад или жед. Чувството што телото ни го праќа кога недостасува нешто што ни треба за преживување“, изјави Мурти во интервјуто за Асошиетед прес.
„Милиони луѓе во Америка се борат во сенка, и тоа не е во ред. Затоа го издадов ова советување за да се повлече завесата на борбата што ја доживуваат премногу луѓе“.
Декларацијата има за цел да ја подигне свеста за осаменоста, но нема да го отклучи федералното финансирање или програмирање посветени на борбата против овој проблем.
Истражувањата покажуваат дека Американците, кои се помалку ангажирани во верски објекти, организации во заедницата, па дури и со членовите на нивните семејства во последниве децении, постојано известуваат за зголемување на чувството на осаменост.
Но, кризата длабоко се влоши со пандемијата на ковид-19 што ги принуди училиштата и работните места да затворат, а милиони Американци да се изолираат дома далеку од роднините или пријателите.
Луѓето го намалија времето поминато со пријатели за време на пандемијата, се вели во извештајот на генералниот хирург.
Американците поминувале околу 20 минути дневно лично со пријателите во 2020 година, што е помалку од 60 минути дневно скоро две децении порано.
Епидемијата на осаменост особено тешко ги погодува младите на возраст од 15 до 24 години. Оваа возрасна група пријавила пад од 70 отсто во времето поминато со пријателите во истиот период.
Осаменоста го зголемува ризикот од прерана смрт за речиси 30 отсто при што извештајот открива дека оние со лоши социјални односи, исто така, имале поголем ризик од мозочен удар и срцеви заболувања.
Изолацијата, исто така, ја зголемува веројатноста едно лице да доживее депресија, анксиозност и деменција.
Генералниот хирург ги повикува работните места, училиштата, технолошките компании, родителите и другите луѓе да направат промени што ќе ја зајакнат поврзаноста.
Тој ги советува луѓето да се приклучат на групи во заедницата и да ги остават телефоните кога ќе се запознаат со пријателите; работодавците да размислат внимателно за нивните политики за работа на далечина; и здравствените системи да обезбедат обука за лекарите да ги препознаат здравствените ризици од осаменоста.
Технологијата брзо го влоши проблемот со осаменоста, при што една студија цитирана во извештајот покажа дека луѓето кои користеле социјални медиуми два или повеќе часа дневно имале повеќе од двапати поголеми шанси да пријават дека се чувствуваат социјално изолирани од оние кои биле на такви апликации помалку од 30 минути на ден.
Мурти рече дека социјалните медиуми особено го поттикнуваат зголемувањето на осаменоста. Неговиот извештај сугерира дека технолошките компании воведуваат заштита за децата особено околу нивното однесување на социјалните мрежи.
„Навистина нема замена за интеракцијата в лице“, рече тој.
„Како што се насочувавме кон користење на технологијата се` повеќе и повеќе за нашата комуникација, изгубивме многу од таа интеракција в лице. Како да дизајнираме технологија која ги зајакнува нашите односи, а не ги ослабува“, изјави тој.
Извор: АП