Линкови за пристапност

Новинарот на АФП Арман Солдин убиен во Украина


Видеокоординаторот на Агенцијата Франс-прес (АФП) за Украина Арман Солдин, бил убиен денес при ракетен напад во источна Украина, велат новинарите на агенцијата кои биле сведоци на инцидентот.

Нападот се случил околу 16:30 часот на периферија на град близу до Бахмут, епицентарот на борбите во источна Украина веќе неколку месеци.

Тимот на АФП бил погоден додека бил со група украински војници.
Солдин (32) бил убиен кога ракета удрила близу до местото каде што тој лежел. Останатите во тимот не биле повредени.

„Целата агенција е скршена од загубата на Арман“, рече претседателот на АФП Фабрис Фрис.

„Неговата смрт е ужасен потсетник за ризиците и опасностите со кои се соочуваат новинарите секој ден кои известуваат за конфликтот во Украина“, рече тој.

Роден во Сараево, Солдин бил француски државјанин. Тој почнал да работи за Франс-прес како практикант во неговото биро во Рим во 2015 година, а подоцна бил ангажиран во Лондон.

Тој бил дел од првиот тим на агенцијата што бил испратен во Украина од почетокот на руската инвазија на 24 февруари 2022 година, пристигнувајќи следниот ден.

Солдин живеел во Украина од септември, водејќи го известувањето на тимот и кој редовно патувал во првите борбени линии на исток и југ.

Според Репортери без граници и Комитетот за заштита на новинарите, смртта на Солдин значи дека најмалку 11 новинари, помошници и возачи на медиумски тимови се убиени кои известувале за војната во Украина.

„Билијантната работа на Арман опфаќа сè што не` направи толку горди на новинарството на АФП во Украина“, рече директорот на агенцијата за глобални вести Фил Четвинд во изјавата.

„Смртта на Арман е ужасен потсетник за ризиците и опасностите од покривањето на оваа војна. Нашите мисли вечерва се со неговото семејство и пријателите и со целиот наш народ на теренот во Украина“.

Директорката на АФП за Европа Кристин Бухагиар, го опиша Солдин како „ентузијаст, енергичен и храбар“.

„Тој беше вистински репортер на теренот, секогаш подготвен да работи дури и на најтешките места“, рече таа.

„Тој беше целосно посветен на својата професија“.

Извор: Агенција Франс-прес

XS
SM
MD
LG