Линкови за пристапност

Њујорк го забрани ТикТок на владините уреди поради безбедносни причини


Градот Њујорк денес го забрани ТикТок на владините уреди, наведувајќи безбедносни проблеми, приклучувајќи се на голем број американски градови и сојузни држави кои поставија такви ограничувања на апликацијата за споделување на кратки видеа.

ТикТок, кој го користат повеќе од 150 милиони Американци и е во сопственост на кинескиот технолошки гигант ByteDance, се соочува со зголемени повици од американските законодавци за забрана на национално ниво поради загриженоста за можно влијание на кинеската влада.

ТикТок „претставуваше безбедносна закана за техничките мрежи на градот“, се вели во соопштението на администрацијата на градоначалникот на Њујорк Ерик Адамс.

Од агенциите во Њујорк се бара да ја отстранат апликацијата во рок од 30 дена и вработените ќе го изгубат пристапот до апликацијата и нејзината веб-страница на уредите и мрежите во сопственост на градот.

Сојузната држава Њујорк веќе го забрани ТикТок на државните мобилни уреди.

ТикТок рече дека „не споделил и нема да ги сподели податоците на американските корисници со кинеската влада и презел значителни мерки за заштита на приватноста и безбедноста на корисниците на ТикТок“.

Високи американски безбедносни функционери, вклучително и директорот на ФБИ Кристофер Реј и директорот на ЦИА Вилијам Барнс, рекоа дека ТикТок претставува закана.

Реј во март рече дека кинеската влада може да го користи ТикТок за контрола на софтверот на милиони уреди и да ги поттикне наративите да ги поделат Американците, додавајќи дека апликацијата е закана за националната безбедност.

Поранешниот претседател Доналд Трамп во 2020 година се обиде да забрани нови симнувања на ТикТок, но низа судски одлуки го блокираа стапувањето на сила на забраната.

Многу американски сојузни држави и градови го ограничија ТикТок на владините уреди. Монтана неодамна усвои нацрт-закон со кој се забранува апликацијата низ целата сојузна држава, правило кое треба да стапи на сила на 1 јануари и е правно оспорено.

Речиси половина од возрасните Американци поддржуваат забрана на ТикТок, според новото истражување на Ројтерс/Ипсос објавено денес.

XS
SM
MD
LG