Линкови за пристапност

Нетанјаху вети дека ќе ја прошири војната против Хамас, бројот на загинати во Газа расте


Израел рече дека Хамас е виновен за високиот биланс на цивилни жртви, наведувајќи ја неговата употреба на преполни станбени области и тунели
Израел рече дека Хамас е виновен за високиот биланс на цивилни жртви, наведувајќи ја неговата употреба на преполни станбени области и тунели

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вети дека ќе ја прошири војната на неговата земја против Хамас во Газа, како што здравствените власти во енклавата известија за десетици жртви во израелскиот напад врз бегалски камп.

„Ја прошируваме борбата во наредните денови и ова ќе биде долга борба и не е блиску до крај“, им изјави Нетанјаху денес на членовите на неговата партија.

Израел го нападна центарот на Газа доцна во неделата и во понеделникот. Властите на територија управувана од Хамас соопштија дека најмалку 70 луѓе биле убиени во израелски воздушен напад што погодил бегалски камп.

Израелската војска соопшти дека го разгледува пријавениот напад, истовремено повторувајќи ја својата посветеност да ја минимизира штетата на цивилите во нејзината војна за елиминирање на милитантната група Хамас.

Израел, исто така, објави уште неколку смртни случаи меѓу своите војници, зголемувајќи го бројот на загинати од петокот на 17, а вкупниот број на загинати израелски војници од започнувањето на својата копнена операција во Газа на 156.

Израелската офанзива, која вклучи илјадници воздушни напади покрај копнените операции, остави огромни делови од Газа во урнатини и уби 20.400 Палестинци, според Министерството за здравство на Газа.

Борбите, исто така, го раселија најголемиот дел од 2,3 милиони жители на Газа, а многумина се обидуваат да најдат сигурност во преполните засолништа управувани од ОН во јужниот дел на Газа.

Нетанјаху во неделата вети дека ќе продолжи, како што се вели, „долгата војна“ додека израелските сили не го елиминираат Хамас и не ја вратат безбедноста.

На свечената божиќна миса во базиликата Свети Петар во Ватикан, папата Фрањо се пожали дека пораката на Исус за мир е задушена од „залудна логика на војната“ во земјата каде што е роден.

„Вечерва нашите срца се во Витлеем, каде што принцот на мирот е повторно отфрлен од залудна логика на војната, од судирот на оружјето што дури и денес го спречува да најде место во светот“, рече папата за билансот на жртвите, кој продолжува да се искачува во Газа.

Шефот на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејесус, во неделата изјави дека здравствениот систем во Газа се уништува и го повтори својот апел за прекин на огнот.

„Уништувањето на здравствениот систем во Газа е трагедија“, објави тој на X, поранешен Твитер.

До 20 декември, СЗО регистрираше 246 напади врз здравствената заштита во Газа, вклучувајќи болници и амбулантни возила, што резултираше со 582 смртни случаи и 748 повредени.

Милитантите на Хамас влегоа во границата со Газа на 7 октомври и ги нападнаа јужните израелски заедници, убивајќи околу 1.200 луѓе, според Израел.

Групата, означена како терористичка група од страна на САД и другите, зема и околу 240 заложници, од кои 129 и натаму се во Газа.

Како одговор, Израел вети дека ќе го уништи Хамас и започна воздушна, копнена и морска офанзива врз Газа.

Израел рече дека Хамас е виновен за високиот биланс на цивилни жртви, наведувајќи ја неговата употреба на преполни станбени области и тунели.

Дел од информациите во текстот се од Асошиетед прес, агенцијата Франс-прес и Ројтерс

XS
SM
MD
LG