Линкови за пристапност

Северна Газа повеќе нема функционална болница, вели СЗО


Само девет од 36 здравствени установи биле делумно функционални во цела Газа, според СЗО
Само девет од 36 здравствени установи биле делумно функционални во цела Газа, според СЗО

Светската здравствена организација (СЗО) денес соопшти дека северниот дел на Газа остана без функционална болница поради недостаток на гориво, персонал и залихи.

Само девет од 36 здравствени установи биле делумно функционални во цела Газа, според СЗО.

Сите овие објекти се концентрирани на југот на енклавата.

„Всушност нема функционални болници на север“, изјави Ричард Пиперкорн, претставник на СЗО во Газа, на новинарите преку видео врска од Ерусалим.

„Ал-Ахли беше последната, но сега е минимално функционална: сè уште лекува пациенти, но не прима нови“.

Пиперкорн рече дека Ал-Ахли обезбедува многу ограничена нега. Околу 10 вработени, сите помлади лекари и медицински сестри, продолжуваат да обезбедуваат основна прва помош, справување со болка и нега на рани со слаби ресурси, рече тој.

„До пред два дена, таа беше единствената болница каде повредените можеа да се оперираат во северниот дел на Газа и беше преполна со пациенти на кои им беше потребна итна помош“, рече тој.

„Веќе нема операциони сали поради недостаток на гориво, струја, медицински материјали и здравствени работници, вклучително и хирурзи и други специјалисти. Телата на жртвите од неодамнешните израелски напади беа наредени во дворот на болницата бидејќи не можеше да им се даде безбедно и достоинствено погребување, рече тој.

Покрај болницата Ал-Ахли, северна Газа имаше само три други минимално функционални здравствени установи: болниците Ал-Шифа, Ал Авда и Ал Сахаба, за кои Пиперкорн рече дека засолниле илјадници раселени луѓе.

Некои пациенти во Ал-Ахли чекаа операции со недели или ако беа оперирани, се соочија со ризик од постоперативна инфекција поради недостаток на антибиотици и други лекови, додаде тој.

„Сите овие пациенти не можат да се движат и треба итно да бидат префрлени за да имаат шанса да преживеат“, рече тој, повторувајќи го повикот на СЗО за хуманитарен прекин на огнот.

„Ова е потребно сега за да се зајакнат и обноват преостанатите здравствени установи, да се испорачаат медицински услуги потребни за илјадници повредени луѓе и оние на кои им е потребна друга суштинска нега, и, пред сè, да се запре крвопролевањето и смртта“.

XS
SM
MD
LG