Линкови за пристапност

Пристапот до храна во Газа на катастрофално ниво


Палестинците земаат бесплатен оброк во Рафах, Газа, 21 декември 2023 година.
Палестинците земаат бесплатен оброк во Рафах, Газа, 21 декември 2023 година.

Советот за безбедност на ОН со денови го одложува гласањето на резолуција за помош во Газа.

Се интензивираат борбите меѓу Хамас и Израел, додека телото поддржано од Обединетите нации предупреди дека целото население на Газа – повеќе од 2 милиони луѓе – е во криза поради глад.

Во северниот дел на Газа забележани се силни бомбардирања од страна на Израел, а воени авиони нападнаа цели во централниот и јужниот дел на територијата. Според Хамас, четири лица биле убиени во јужниот дел на Газа на граничниот премин Рафах со Египет. Израелската војска се чини дека негираше вмешаност, која соопшти дека не е запознаена со инцидентот.

Десет недели по војната, Хамас – прогласена за терористичка организација од страна на САД, покажа дека сè уште има способност да лансира ракети врз еврејската држава. Се огласуваат сирените во централниот дел на Израел, а израелските одбранбени сили објавија мапи на кои се прикажани ракетни аларми кои се протегаат од Ашкелон, северно од Појасот Газа, до областа Тел Авив.

Нема информации за жртви бидејќи одбранбениот систем ги пресретнал ракетите.

Израелската војска денеска соопшти дека нејзините сили извршиле напади врз 230 цели во Газа во текот на изминатиот ден.

Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, повтори дека војската ќе продолжи со борбите додека Хамас не биде елиминиран и додека преостанатите заложници не бидат ослободоени.

Војната, предизвикана од терористичкиот напад на Хамас на 7 октомври во Израел, во кој загинаа околу 1 200 луѓе, а околу 240 други беа земени како заложници, доведе до страшна хуманитарна ситуација во Газа, каде што Министерството за здравство управувано од Хамас соопшти дека се убиени 20 000 Палестинци. Речиси 2 милиони други се раселени.

Телото поддржано од Обединетите нации за безбедност на храната во денешниот извештај наведе дека непријателствата, „вклучувајќи бомбардирање, копнени операции и опсада на целото население“ предизвикале „катастрофални нивоа“ на акутната несигурност во храната.

Оттаму наведуваат дека повеќе од едно од четирти домаќинства се соочуваат со екстремен глад и постои ризик од глад доколку не се врати пристапот до соодветна храна, чиста вода, здравствени и санитарни услови.

Светската програма за храна е меѓународна организација во рамките на Обединетите нации која обезбедува помош за храна ширум светот

„Светската програма за храна при Обединетите нации предупредува за оваа катастрофа со недели“, рече извршниот директор Синди Мекејн за наводите на телото за безбедност на храната. „Трагично, без безбеден и постојан пристап што го баравме, ситуацијата е очајна и никој во Газа не е безбеден од глад“.

Израел вели дека соработува за да дозволи помошта да влезе во Газа. Отворен е граничниот премин Керем Шалом во неделата за транзит на конвои со помош и се дозволуваат паузи во некои области на јужна Газа за цивилите да добијат храна и вода. Керем Шалом се наоѓа во близина на трите граници на Израел, Појасот Газа и Египет.

Дипломатски напори

Советот за безбедност на ОН преговараше за резолуцијата која, доколку биде усвоена, ќе помогне за пристапот на помош во Газа. Но, гласањето оваа недела постојано се одложуваше постојано поради приговорите од САД за делови од нацрт-текстот.

„Сè уште се работи на тоа. Се надевам дека ќе можам да го поддржам. Сè уште не сме дошле до тоа“, рече заменик-амбасадорот на САД во ОН, Роберт Вуд пред денешното планирано гласање кое беше одложено.

Дипломатите рекоа дека Вашингтон и Израел не сакаат ОН да бидат одговорни за механизмот за мониторинг кој ќе ја проверува помошта што влегува во Газа за да се уверат дека навистина е од хуманитарен карактер.

Американскиот државен секретар, Ентони Блинкен вчера рече дека САД сакаат да се погрижат резолуцијата да ја унапреди испораката на помош и да не ја попречува.

Обединетите нации велат дека дури и ако се дозволат доволно хуманитарни резерви во Газа, безбедноста, горивото и прекинатите комуникации сепак ќе ја отежнат испораката на залихите и повикаа на итен хуманитарен прекин на огнот.

Нови делови за евакуација

Израелската војска вчера назначи нова област која опфаќа околу 20% од централниот и јужниот дел на градот Кан Јунис за итна евакуација и ја објави на социјалните мрежи.

Канцеларијата на ОН за координација за хуманитарни прашања соопшти дека повеќе од 250 000 луѓе – жители и раселени жители на Газа – остануваат во зоната. Наведоа и дека жителите може да имаат потешкотии да пристапат до овие информации поради прекинот на електричната енергија и прекините во телекомуникациите.

Осум дена по ред низ поголемиот дел на Газа нема телекомуникациски врски.

За овој извештај свој придонес даде дописничката на Гласот на Америка во Обединетите нации, Маргарет Бешер. Дел од информациите се од Асошиетед прес, агенцијата Франс – прес и Ројтерс.

XS
SM
MD
LG