Официјални лица во главниот град на Украина денес соопштија дека во напад со руски беспилотно летало загинало најмалку едно лице, а најмалку шест биле повредени.
Серхиј Попко, шеф на градската воена управа на Киев, на Телеграм изјави дека една жена била пронајдена мртва во урнатините на станбена зграда која била погодена за време на нападот.
Во украинската област Днепропетровск, гувернерот Серхиј Лисак изјави дека Русија нападнала со артилерија, ракети и беспилотни летала, при што оштетила седум куќи и медицински центар.
Украинската војска соопшти дека соборила 63 од 111 беспилотни летала што ги лансирале руските сили.
Руското министерство за одбрана денес соопшти дека уништило украинско беспилотно летало над регионот Курск.
Во соседниот Брјанск, регионалниот гувернер рече дека руската противвоздушна одбрана уништила два беспилотни летала и дека нема жртви или штета.
Во новогодишното обраќање до својата нација во вторникот, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека неговата земја ќе направи се` што може во новата година за да ја заврши војната со Русија.
„И секој ден во наредната година, јас и сите ние мора да се бориме за Украина која е доволно силна. Затоа што само таква Украина се почитува и слуша, и на бојното поле и на преговарачката маса“, рече Зеленски.
„Нека 2025 ни биде година. Година на Украина. Знаеме дека мирот нема да ни биде подарок, но ќе направиме се за да ја запреме Русија и да стави крај на војната. Ова го посакува секој од нас“, додаде.
Во 2024 година, Украина отстапи седумпати повеќе земја отколку во 2023 година: околу 4.000 квадратни километри, главно на исток, според податоците на Институтот за проучување на војната со седиште во Вашингтон.
Во исто време, Украина зазеде неколку стотици квадратни километри руска територија во Курск.
Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година.
Некои информации во текстот се од агенцијата Франс прес и Ројтерс