Министрите за надворешни работи на НАТО денес ја прославија 75-годишнината од нивниот сојуз со знамиња, торта и бендови, а генералниот секретар Jенс Столтенберг ги потсети САД дека им се потребни на сојузниците повеќе од кога било, како што војната во Украина влегува во третата година.
32. земји-членки на Алијансата вчера се согласија да започнат со планирање за поголема улога во координирањето на воената помош за Украина, за да ѝ помогнат во борбата против Русија во најголемиот конфликт во Европа по Втората светска војна и да го покажат своето единство, додека Украина чека пакет вреден околу 60 милијарди американски долари кој останува заглавен во Конгресот на САД.
На вториот ден од состанокот во Брисел, министрите го одбележаа потпишувањето во Вашингтон на 4 април 1949 година на Северноатлантскиот договор, со кој беше воспоставен трансатлантскиот политички и воен сојуз.
„На Европа ѝ е потребна Северна Америка за нејзината безбедност“, рече Столтенберг на церемонијата во седиштето на НАТО во Брисел.
„Истовремено, на Северна Америка ѝ е потребна Европа“.
Европските лидери, кои го сочинуваат најголемиот дел од членките на НАТО, се загрижени не само за иднината на НАТО, ако поранешниот американски претседател Доналд Трамп го победи актуелниот претседател Џо Бајден во ноември, туку и за тековното задржување на пакетот помош за Украина во Конгресот, додека републиканците бараат мерки за гранична безбедност во замена за усвојување на предлог-законот.
„Демократските нации, слободните луѓе избраа да се приклучат на НАТО, за разлика од тоа како Русија се шири со анексија или нелегална агресија“, рече Финска.
Русија вчера соопшти дека НАТО се вратил на размислување од Студената војна.
Портпаролката на Министерството за надворешни работи Марија Захарова, им рече на новинарите дека НАТО нема место во „мултиполарниот свет“ кој Москва вели дека сака да го изгради за да стави крај на доминацијата на САД.
„Најголемите битки на НАТО се` уште се во иднината, а ние мора да бидеме подготвени за нив“, рече литванскиот министер за надворешни работи Габриелиус Ландсбергис.
Министрите на НАТО во средата се согласија да започнат со планирање за поголема улога на НАТО во координирањето на безбедносната помош и обука за Украина.
Според предлогот на Столтенберг, НАТО ќе ја преземе работата на ад-хок коалицијата предводена од САД, делумно за да се заштити од какво било намалување на поддршката на САД, доколку Доналд Трамп се врати во Белата куќа, велат дипломатите.
Столтенберг, исто така, предложи фонд од 100 милијарди евра (околу 108 милијарди долари) за поддршка на војската на Украина во текот на пет години, според дипломатите.
Денес, министрите ќе се сретнат и со украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.
Кулеба изјави за Ројтерс дека ќе ги притисне да обезбедат повеќе системи за противвоздушна одбрана Патриот за заштита од чести напади на руски балистички ракети.
„Не сакам да ја расипам роденденската забава денес, но мојата главна порака денес ќе биде Патриоти“, рече Кулеба заедно со Столтенберг.