Линкови за пристапност

Балканот е многу релевантен иако фокусот е на Украина, вели британската амбасадорка во САД


Ако го изгубиме она што беше еден од најголемите евроатлански успеси во надворешната политика на 1990-тите, многу други работи мислам дека ќе видиме како ќе почнат да се распаѓаат, рече Пирс
Ако го изгубиме она што беше еден од најголемите евроатлански успеси во надворешната политика на 1990-тите, многу други работи мислам дека ќе видиме како ќе почнат да се распаѓаат, рече Пирс

Британската амбасадорка во САД Карен Пирс вели дека Балканот е многу релевантен, зборувајќи на тема за зголемување на европската безбедност во Институтот Хадсон во Вашингтон.

„Мислам дека Балканот е релевантен овде, бидејќи иако сме фокусирани на војната во Украина, ако го изгубиме она што беше еден од најголемите евроатлански успеси во надворешната политика на 1990-тите, како дел од злонамерниот пристап на Путин кон Европа, потоа многу други работи мислам дека ќе видиме како ќе почнат да се распаѓаат. Така, мислам дека треба да го имаме на ум тоа, иако со право се фокусираме на Украина“, рече Пирс.

Таа рече дека со почетокот на целосната инвазија на Украина од пред повеќе од две години, рускиот претседател Владимир Путин ги прекршил меѓународните правила и сите механизми што биле воспоставени во евроатлантскиот дел од крајот на Втората светска војна.

„Тажна сум кога ја гледам реакцијата на некои наши пријатели на глобалниот југ кон оваа инвазија, затоа што ако можете да ги уништите сите оние механизми што беа поставени со таква грижа од 1945 година, а особено по падот на Берлинскиот ѕид за да се создаде цела и слободна Европа, ако можете толку лесно да ги уништите, ниту еден дел од светот не е безбеден“.

Според неа, треба да се внимава на каква било победа за Путин, оти последиците би биле големи.

„Ние сакаме да ја поддржиме Украина, ние сакаме да ѝ помогнеме на Украина да направи конкретен резултат во борбеното поле, така што, ако и кога ќе дојде времето за преговори, таа ќе влезе во тие преговори во добра позиција“, рече Пирс.

Во дискусијата за геополитичките промени во Северна Европа и потребата од нов пристап кон регионот, учествуваа и Питер Раф, директор на Центарот за Европа и Евроазија на Институтот Хадсон, Лук Кофи, висок соработник на Институтот Хадсон и Ендрју Михта од Атлантскиот совет.

„Проширувањето на НАТО со Финска и Шведска ја менува играта. Тоа е геостратешка промена на играта за Алијансата и за регионот. Тоа ѝ дава на Алијансата стратешката длабочина што ѝ е потребна во тој регион. Ја трансформира безбедносната равенка околу Балтикот. Тоа сериозно го комплицира руското воено планирање. И, се разбира, како резултат на тоа, тоа ги принудува Русите да користат дел од нивните преостанати ресурси на начин што ќе им го отежни планирањето на друга агресивна војна“, кажа Михта.

Според Кофи, важно е да почне да се зборува за нова политика кон безбедноста на Северна Европа.

„Постои такво чувство на триумф што можете да го почувствувате кај политичката заедница, бидејќи Русија има толку многу тешкотии во Украина, тоа ги прави сите други региони побезбедни. Тоа може да биде случајот со овој инцидент, но во блиска иднина, кој знае“, вели Кофи.

Тие велат дека е во интерес на САД да имаат лидерската улога во европската безбедност, како членка на НАТО, поради економската и историската конекција, како и поради политичката и геополитичката поврзаност.

XS
SM
MD
LG