Линкови за пристапност

Месечно и до 350 јавувања на СОС линијата за жртви од семејно насилство


Месечно и до 350 јавувања се случуваат на бесплатната СОС линија 141 700 наменета за помош на жртвите од семејно насилство, што ја водат искусни лица од Националниот совет за родова рамноправност
Месечно и до 350 јавувања се случуваат на бесплатната СОС линија 141 700 наменета за помош на жртвите од семејно насилство, што ја водат искусни лица од Националниот совет за родова рамноправност

Мост меѓу жртвите и институциите, но и прва надеж за спас се жените и девојките што одговараат на мобилната СОС линија 141 700 која е наменета за лицата изложени на семејно насилство

Месечно и до 350 јавувања се случуваат на бесплатната СОС линија 141 700 наменета за помош на жртвите од семејно насилство. Линијата постои од 1994 година, активна е 24 часа и може да се добие со вртење од кој било мобилен оператор, без никаков префикс.

„Може бројот на жртвите да е до 100, додека останатите јавувања може да се и по неколку пати од иста личност, бидејќи или насилството се повторува или, пак, жртвата има потреба од дополнителни информации“, објаснува Савка Тодоровска, претседателка на Националниот совет за родова рамноправност.

Подадена рака од Националниот совет за родова рамноправност

Во вакви моменти ние сме мостот меѓу жртвите и институциите. Веднаш ги советуваме да се јават во полиција
Азра Милаими Реџепи, операторка на СОС линија

Операторки на телефонската линија се жени и девојки од Националниот совет за родова рамноправност. Тие се првата подадена рака и првиот даден совет до жртвата од семејно насилство. Разговорите ги водат на македонски, албански, турски и на ромски јазик.

„Во вакви моменти ние сме мостот меѓу жртвите и институциите. Веднаш ги советуваме да се јават во полиција. Во случај кога тие не можат, се јавуваме ние, за безбедно и навремено да излезат од средината. Во такви случаи нема многу време за совети, туку реагираме брзо за жртвата да биде доведена на безбедно“, вели Азра Милаими Реџепи, операторка на СОС линијата за жртви од семејно насилство.

Советот го води Савка Тодоровска, активистка за родова рамноправност уште од осамостојувањето на државата.

„Не можеме да броиме дали насилството е зголемено или намалено, бидејќи до тогаш немало евиденција. Не постела ниту буква ‘н’ од насилство, ниту законска регулатива. Но, од тоа прво отворање на линијата, ние можеме да говориме колку е подигната свеста за да не го трпат насилството“, објаснува Тодоровска.

Советувалиште за помош на жртвите

При првото доаѓање во нашето советувалиште, жртвите претежно имаат страв. Треба да се стекне доверба, за да можеме да им ја пружиме поддршката
Ружица Пинзовска, правна советничка

Неодамна оваа организација отвори и Советувалиште за психо-социјална и правна помош. Само во текот на минатиот месец во советувалиштето имале девет пријавени случаи. Притоа една жена била згрижена и во кризен центар.

„При првото доаѓање во нашето советувалиште, жртвите претежно имаат страв. Треба да се стекне доверба, за да можеме да им ја пружиме поддршката. Не се запознаени со своите права. Ние и затоа сме тука, да ги упатиме. Не знаат каде да се обратат. ‘Дали ако се обратат во полиција, би имале последици? Или, доколку се обратат во центарот за социјална работа, дали некое стручно лице од таму ќе може да го посети нивниот дом“, вели Ружица Пинзовска, правна советничка во Советувалиштето.

Меморандум за соработка со МВР

Од Советот потпишаа и меморандум за соработка со Министерството за внатрешни работи, а со цел поефикасно да им се излезе во пресрет на жртвите од семејно насилство.

„Реперкусиите коишто се врз жртвите, најчесто тоа се жените и девојчињата, се застрашувачки, по потенцијал и по објективна штета. Без оглед дали е физичка, дали е материјална, дали е ментална. И, на крајот би рекол и елементарно биолошка штета којашто ја имаат жртвите на семејното насилство“, посочува министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

141 700 - бесплатна мобилна СОС линија за жртви од семејното насилство
141 700 - бесплатна мобилна СОС линија за жртви од семејното насилство

Молк за тортурата поради страв за егзистенција

Според искуството на операторките од организацијата, жените од градските средини се побројни во пријавувањата, но почнале да се охрабруваат и жените од руралните средини. Сепак, стравот кај сите нив и натаму постои.

Пријавуваат не само жртвите, туку се јавуваат и нивни роднини, нивни пријатели, соседи, минувачи доколку тоа го забележат
Савка Тодоровска, претседателка на НСРР

„Треба да се ставиме на местото на жртвата и да ја разбереме нивната ситуација. На пример, една жртва, која има среден живот, во заедница, а најчесто насилството доаѓа од брачниот партнер. Во тие случаи стравот е ‘Како да ја напуштам средината?’, ‘Како ќе се снајдам потоа?’ Стравуваат од ризикот“, објаснува Милаими Реџепи.

За разлика од почетоците на СОС линијата, искуството покажало дека се зголемила свеста за потребата од пријавување на насилството.

„Пријавуваат не само жртвите, туку се јавуваат и нивни роднини, нивни пријатели, соседи, минувачи доколку тоа го забележат“, вели претседателката на Националниот совет за родова рамноправност.

1.191 жртва од семејно насилство во 2022 година

Бројот на организации што водат грижа и даваат совети за жртвите од семејно насилство денес е значително зголемен. Сепак, според податоците од МВР, што неодамна ги објавиме, состојбата со оваа насилна појава и натаму е далеку од охрабрувачка.

Според тие податоци, во 2022 година вкупно се евидентирани 1.191 жртва од семејно насилство. Од нив најбројни се жените, односно 942, од кои половината се водат како сопруги во семејна заедница.

Токму од тие причини, од Националниот совет за родова рамноправност порачуваат, жртвите да се охрабрат и да го пријават насилството.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG