„Не сакаме тава, сакаме права“, „Сиромаштијата има женско лице“, „Денес марш, утре штрајк“ беа само дел од пораките што голем број мажи и жени ги упатија од протестниот марш што под мотото „Ќе преживеат ли жените овде?“ се одржа низ Скопје, а по повод Меѓународниот ден на жената „Осми март“.
Учесничките и учесниците на маршот, кој се одржува веќе седум години по ред, излегоа со тропалки, тави, ѓезвиња низ скопските улици, како и со бројни натписи преку кои повикуваа на поголема свест за родовата еднаквост.
Упатија и порака со која се бара сериозна посветеност на институциите за заштита на жените од сите форми на насилство во општеството, како и за еднаквост во сите социјални, економски, културолошки сфери на државата.
Да се признае јасно и гласно дека жените во Македонија, ниту се еднакви, ниту слободни, ниту безбедни
„Во 2023 година жените и девојките во државата ги мачат прашања кои ја покажуваат реалната слика со родовата нееднаквост во земјата. Прашања кои прикажуваат колку никој не мисли на женската благосостојба, на повеќеслојната и системска дискриминација, погазувањето на човековите права, насилството, сиромаштијата и општата апатичност, да се признае јасно и гласно дека жените во Македонија, ниту се еднакви, ниту слободни, ниту безбедни“, беше истакнато во пораката упатена од годинешниот протестен марш.
Дел од учесничките пренесоа и свои непријатни искуства во кои се соочиле со родова дискриминација.
Беше укажано и дека институциите треба да посветат повеќе внимание кон земјоделките, зашто, како што беше истакнато, не уживаат еднакви права како остатокот од другите категории работници во општеството. Беа упатени пораки и за социјална еднаквост и во посиромашните заедници.
Facebook Forum