Линкови за пристапност

Тепања, силувања, киднапирања: Речиси илјада жени лани биле жртви на семејно насилство во Северна Македонија


Во 2022 година вкупно се евидентирани 1.191 жртва од семејно насилство. Од нив најбројни се жените, односно 942, од кои половината се водат како сопруги во семејна заедница (Извор: МВР)
Во 2022 година вкупно се евидентирани 1.191 жртва од семејно насилство. Од нив најбројни се жените, односно 942, од кои половината се водат како сопруги во семејна заедница (Извор: МВР)

Загрижува и сознанието дека меѓу жртвите од полови напади и обљубувања се и малолетни деца, од кои некои се помлади и од 14 години. Според податоците што ги добивме од МВР, во 2022 година вкупно се евидентирани 1.191 жртва од семејно насилство во Северна Македонија

Девет убиства, 26 тешки повреди, 675 телесни повреди, 389 загрозувања на безбедноста, 15 присилби, како и три киднапирања. Или, вкупно 1.117 кривични дела во врска со семејно насилство се случиле на територијата на државата во текот на 2022 година.

Тоа го велат податоците што ги добивме од Министерството за внатрешни работи, за случаите што биле евидентирани во сите сектори на МВР.

Според истите податоци, најмногу кривични дела поврзани со семејното насилство имало на подрачјето на Скопје, 279, по што следи Битола и регионот со 203 кривични дела. На трето место е тетовскиот регион каде СВР Тетово евидентирале 145 кривични дела. На последно место е Велес, со 85 вакви дела.

Притоа, вкупно се евидентирани 1191 жртва од семејно насилство. Од нив најбројни се жените, односно 942, од кои половината се водат како сопруги во семејна заедница. Но има и околу 120 жени што биле жртви на семејно насилство во вонбрачна заедница.

Семејно насилство во 2022 година - податоци од МВР
Семејно насилство во 2022 година - податоци од МВР

Во низата насилства не биле поштедени ниту децата и родителите. Така евидентирани се 44 ќерки и 58 синови, како жртви, но и 100 мајки и 86 лица запишани како татковци.

Најголем број од сторителите на кривичните дела во рамките на семејното насилство се мажи, односно 1.061. Од нив речиси половината се сопрузи. Но, како извршители се евидентирани и синови, 171. Во евиденцијата се појавуваат и 50-ина поранешни сопрузи како извршители на кривичните дела поврзани со семејното насилство.

Како жртви во 2022 година се појавуваат и мажи, односно 249 лица. Од нив 25 биле сопрузи во брачните заедници, а тројца се евидентирани како дел од вонбрачна заедница.

Загрижувачки податоци за полови напади врз деца
Загрижувачки податоци за полови напади врз деца

Но, сериозно загрижувачки се бројките кога станува збор за силувања и полови напади. Податоците во овој сегмент се однесуваат на првите три месеци од минатата година.

Тогаш биле евидентирани две силувања во кои жртвите биле возрасни жени. Но, има и пет полови напади врз деца, односно лица што не наполниле 14 години. Четири од нив биле девојчиња, а евидентирано е и едно момче како жртва на полов напад.

Во оваа евиденција, забележана е обљуба и врз немоќно лице, при што жртвата била малолетна девојка.

Речиси 1.200 жртви од семејно насилство во 2022 година
Речиси 1.200 жртви од семејно насилство во 2022 година

На протестниот марш што се одржа во Скопје по повод Меѓународниот ден на жената, бројни активистки укажаа дека не се чувствуваат безбедни.

„Да се биде жена во Македонија значи да се прашуваш дали ќе го преживееш секојдневното насилство од партнерот, кое веќе си пробала да го пријавиш на институциите кои треба да те заштитат. Само направиле записник и не постапиле и не те заштитиле“, стои во пораката што ја прочита Надица Банишка, учесничка на маршот во Скопје за женските права.

Од невладиниот сектор укажуваат дека сериозен проблем во општеството е што жртвата од насилството, се сочува со уште поголеми осуди.

„Ние живееме во едно општество во кое сè уште вината се бара прво кај жртвата. ‘А што направи ти, за тој тоа да ти го направи?’. И, тоа нешто на коешто треба да се работи со жената којашто преживеала насилство, па дури и со децата. За, тие, едноставно да прифатат и да разберат дека не се виновни за тоа што го преживеале. Единствено е виновен сторителот на насилството и единствено тој треба да биде казнет“, вели Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа за борба против насилството врз жените и семејното насилство.

Од МВР ни рекоа дека нивните службеници постапуваат после секоја пројава за родово базирано насилство но и, како што велат, врз основа на непосредно забележување.

„Се преземаат мерки за заштита на жртвата и мерки за спречување на сторителот во понатамошното вршење на насилството. Секогаш кога постои можност на местото на настанот се упатува и полициски службеник од женски пол“, велат од МВР и додаваат дека постапките се во координација и со социјалните служби.

„Полицијата во рамки на своите надлежност е редовно ангажирана во сите форми на превентивно-едукативно делување во доменот на превенција од родово насилство, заедно со други државни или вон институционални субјекти. Притоа примарно е разбивањето на сите стереотипи и предрасуди во насока на информирање и охрабрување на граѓаните за механизмите за рано детектирање, превенција и заштита на потенцијалните жртви“, додаваат од МВР.

Сепак, од невладиниот сектор, и натаму укажуваат дека заштитата на жртвите од семејно насилство, односно жените и децата, не е доволна.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG