Линкови за пристапност

Малтретирање во „сајбер“ просторот: Еден од тројца македонски адолесценти страда од депресија


Депресијата е тесно поврзана со социјалните мрежи, а според податоците на кои укажуваат од УНИЦЕФ, 90 проценти од македонската младина е активна на тие платформи
Депресијата е тесно поврзана со социјалните мрежи, а според податоците на кои укажуваат од УНИЦЕФ, 90 проценти од македонската младина е активна на тие платформи

Малтретирањето преку онлајн просторот и социјалните мрежи, како и долгорочната изолираност поради „ковид 19“ се дел од причините заради кои загрижувачки процент од македонските млади генерации паѓа во депресија, велат психолози

Еден од тројца адолесценти има симптоми на депресија, а девојчињата се шест пати повеќе погодени од момчињата. Овие податоци ги посочуваат од УНИЦЕФ и додаваат дека е неопходна интервенција од повеќе надлежни сектори.

„Проблемот е многу комплексен и тежок. Ќе остане со нас. Така што, не треба да биде прикачен само до одреден сектор. Веруваме дека не само секторот за здравство, туку и секторот за образование, секторот за безбедност, за внатрешни работи, приватниот сектор исто така. Секој треба да биде вклучен за да се зголеми знаењето и да се изнајдат подобри искуства “, вели Артур Ајвазов, заменик претставник на УНИЦЕФ.

Депресијата е тесно поврзана со социјалните мрежи, а според податоците на кои укажуваат од УНИЦЕФ, 90 проценти од македонската младина е активна на тие платформи. Притоа, 94 проценти од младите користат апликации за испраќање пораки, додека 95 отсто поставуваат сопствени содржини на интернет.

Пандемијата на Ковид 19 го доведе овој проблем на едно друго ниво. Знаеме дека ќе остане со нас, бројките се прилично загрижувачки
Артур Ајвазов, заменик претставник на УНИЦЕФ

„Пандемијата на Ковид 19 го доведе овој проблем на едно друго ниво. Знаеме дека ќе остане со нас. Знаеме дека бројките се прилично загрижувачки. Знаеме дека младите луѓе се и ќе бидат погодени од овој проблем“, додава заменикот претставник на УНИЦЕФ.

Според психолозите, појавата на депресија кај македонските ученици е во голема мера поврзана и со директната или индиректна изложеност на таканареченото „сајбер“ малтретирање.

Професорката и училиштен психолог, Ана Попризова укажува дека степенот на зависност кај учениците од социјалните мрежи е на високо ниво.

„Тоа најчесто се случува во затворени групи. Обично тоа се групи на една паралалека или групи на некои друштва. Ние, како училишта, како наставен кадар имаме многу малку увид во тоа што се случува“, вели Попризова.

Многу е битно да работиме со младите на препознавање на тоа што значи ‘сајбер’ малтретирање, што значи поставување граници
Ана Попризова, Училиштен психолог

Психолозите укажуваат дека кај младите некогаш нема ниту доволна свест за препознавање на постоечките ризици од прекумерното користење и себе изложување на социјалните мрежи.

„Затоа сакам да укажам дека е многу битно да работиме со младите на препознавање на тоа што значи ‘сајбер’ малтретирање, што значи поставување граници. Младите да можат да препознаат, за потоа и да побараат помош. Тоа е еден комплетно паралелен свет што се случува. Виртуелен свет во којшто немаат увид ниту наставниот кадар, ниту родителите. Жртвите се оставени сами на себе“, укажува професорката и училиштен психолог, Попризова.

Кај дел од младите нема ниту свесност дека поставувањето видеа, фотографии или текстови со кои може да се наштети некому, сноси и одговорност.

„Во суштина станува збор за одговорност за регулаторната улога на посредникот. Секое вознемирување направено во ‘сајбер’ просторот може да биде откриено и може сторителот на тоа дело да биде одговорен пред надлежните органи“, вели универзитетската професорка од Правниот факултет, Јасна Бачовска Недиќ.

Тоа што познавачите го укажуваат е воспоставување едукативни процеси и системи со кои младите ќе се едуцираат за потенцијалните опасности од нивното присуство во онлајн просторот.

Треба да ги едуцираме, апсолутно да ја подигнеме дигиталната компетенција, не само на младите луѓе, туку и на целото општество
Јасна Бачовска Недиќ, Универзитетска професорка

„Во секој случај ние треба да ги едуцираме, апсолутно да ја подигнеме дигиталната компетенција, не само на младите луѓе, туку и на целото општество. Да се укаже до каде може да се оди со тие дејствија во ‘сајбер’ просторот“, посочува универзитетската професорка Бачовска Недиќ.

Психологот и професорка, Попризова, додава дека училиштата се соочуваат со правна нејаснотија околу ингеренциите за постапување кога станува збор за можно „сајбер“ малтретирање.

„Што се случува? Еве, и да имаме некоја индиција за ‘сајбер’ насилство, тоа не е во просторот на училиштето или не е врзано секогаш со училиштето. Од тука, законски, правно и да реагираме, родителот може да каже ‘Што има врска училиштето со тоа што се случува на социјалните мрежи?’. Значи, малку е непокриено, малку е замаглено ова поле на законска регулатива и системско решавање. Многу би ни било од корист доколку би се унапредиле работите на ова поле“, посочува професорката Попризова.

Од УНИЦЕФ додаваат дека појавата на депресија кај младите, како и нивната изложеност на можно интернет малтретирање е глобален феномен.

Од Министерството за труд и социјална политика, пак, посочија дека во текот на оваа година младите и предизвиците со кои тие се соочуваат ќе бидат во фокусот на нивните активности.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG