Линкови за пристапност

Трнлива борба против лажните вести: Регулација на онлајн содржините е чекорење по тенка линија кон цензура, сметаат познавачите


Стопроцентен алгоритам за детекција на лажни вести или за нивно спречување, нема и тешко дека ќе има. Колку и да се прави алгоритамот паметен да ги детектира вестите, авторите ќе го менуваат стилот и начинот на изготвување на тие статии, вели Иван Чорбев од ФИНКИ
Стопроцентен алгоритам за детекција на лажни вести или за нивно спречување, нема и тешко дека ќе има. Колку и да се прави алгоритамот паметен да ги детектира вестите, авторите ќе го менуваат стилот и начинот на изготвување на тие статии, вели Иван Чорбев од ФИНКИ

Најголем проток на лажни вести, како и на штетни и манипулативни содржини се случува на социјалните мрежи. Таму најприсутни се младите кои ретко успеваат да увидат која вест е лажна. Според познавачите, регулацијата на онлајн просторот е деликатен процес кој може да се злоупотреби од центри на моќ

Инстаграм, Тик-ток, профили од познати личности. Тоа се платформите од кои младите генерации ги добиваат информациите што нив ги интересираат.

„Обично на ‘Инстаграм’ следиме разни ‘акаунти’, разни познати личности. Обично така ги добиваме оние пошироки, глобални информации“, вели Константин Иоанну, ученик од гимназијата „Р.Ј. Корчагин“ од Скопје.

„Мобилниот го користам за да дознаам некои информации што ми се потребни за на училиште“, вели Андреј Костовски ученик во „Р.Ј. Корчагин“.

„Најмногу преку мобилен телефон ги добивам информациите. Има и апликации што ги користам, како ‘Инстаграм’, ‘Тик-ток’ и ако треба ‘Фејсбук’“, вели Бисера Ацеска, ученичка во „Р.Ј. Корчагин“.

Но, според статистиките, токму на социјалните мрежи се наоѓа и најголемиот проток на лажни вести.

„За разлика од обичните вести коишто само десет отсто од читателите ги консумираат на социјалните мрежи, лажните вести, т.е., консументите на лажните вести на социјалните мрежи се 40 проценти. Со други зборови, 40 отсто од читателите на лажните вести се на социјалните мрежи“, објаснува Иван Чорбев, професор на Факултетот за компјутерски науки и инженерство (ФИНКИ).

40 отсто од читателите на лажните вести се на социјалните мрежи
40 отсто од читателите на лажните вести се на социјалните мрежи

Учениците од гимназијата „Раде Јовчевски Корчагин“, со кои разговаравме на симпозиумот посветен на дигиталните информации и медиумската писменост, во организација на Институтот за комуникациски студии, се свесни дека лажните вести постојат, но не секогаш успеваат да ги препознаат.

Младите не успеваат секогаш да ги препознаат лажните вести

„Сигурно имам сретнато, но дали сум ги препознала, не сум сигурна“, вели ученичката Ацеска.

Да, имам сретнато лажни вести, но не сум ги препознал веднаш
Андреј Костовски, ученик во „Р.Ј. Корчагин“

„Сигурен сум дека 90 проценти од нив не сум ги препознал. Но, оценката се заснова на факти. Ако дојдеме до факти спротивни од таа лажна вест, тогаш на некој начин би можеле да направиме проценка за нејзината вистинитост“, вели ученикот Иоанну.

„Да, имам сретнато лажни вести, но не сум ги препознал веднаш. Прво гледам дали тие вести се излезени од некој познат веб-сајт или се од некој непознат“, додава ученикот Костовски.

Според истражувањето на Институтот за комуникациски студии, најподложни на дезинформациите се младите генерации, но и пензионерите и лицата што немале можност за повисока едукација.

Мораме да изградиме отпорност кај населението, кај граѓаните, а особено кај младите. Да можат да ги процесираат, да ги видат, да ги анализираат и да можат да создадат свое мислење
Жанета Трајкоска, Институт за комуникациски студии

„Секогаш ќе има некој што ќе се обидува да го запоседне медиумскиот и дигиталниот простор. Но, ние мораме да изградиме отпорност кај населението, кај граѓаните, а особено кај младите. Да можат да ги процесираат, да ги видат, да ги анализираат и да можат да создадат свое мислење, базирано на сопствените факти, а не нечии туѓи“, вели Жанета Трајкоска од Инситут за комуникациски студии.

Дел од лажните информации доаѓаат од поединци, дел од центри на моќ, а дел се креираат преку компјутерски програми, односно алгоритми.

Го поставивме прашањето, дали исти или слични алгоритми можат да се користат за борба против дезинформациите?

„Стопроцентен алгоритам за детекција на некакви лажни вести или за спречување, нема и тешко дека ќе има. Тоа е така бидејќи, колку и да се прави алгоритамот паметен да ги детектира вестите, авторите на тие вести ќе го менуваат стилот и начинот на изготвување на тие статии за да ги заобиколат тие заштитни алгоритми“, објаснува професорот Чорбев.

Стопроцентен алгоритам за детекција на некакви лажни вести или за спречување, нема и тешко дека ќе има
Иван Чорбев, Универзитетски професор на ФИНКИ

Користењето компјутерски програми за селекција на подобни и неподобни вести, отвора и други опасности.

„Алгоритмите за жал можат да се злоупотребат не само за отстранување на лажните вести, туку и за спречување на вистински содржини кои не се од интерес на тој што го контролира тој алгоритам“, додава професорот Чорбев.

Според познавачите, одредбите за регулација на професионалните медиуми во државата се солидни. Но, дилемата се отвора со онлајн просторот во кој нема јасна регулација.

„Тоа што деновиве го видовме, всушност е ‘Јутјуб’ канал на некој што е ‘медиа контент провајдер’. Значи тој е создавач на содржина, не е професионален новинар и тука не можеме да имаме законски ограничувања. Ние сепак живееме во држава којашто е сè уште во транзиција на некој начин и во догледно време, какво било законско врамување на функционирањето на онлајн просторот може да биде злоупотребено“, смета директорката на ИКС, Трајкоска.

Потребно е градење потреба за квалитетна содржина

Според стратегиите на УНЕСКО за медиумска писменост, една од насоките за сузбивање на дезинформациите е поттикнување на потребата од квалитетна содржина.

Недостасува пристап до добра и квалитетна содржина. Треба да се фокусираме на менаџирање мудри, а не неквалитетни содржини
Ирене Андриопулу, Алијанса за медиумска писменост, УНЕСКО

„Недостасува пристап до добра и квалитетна содржина. Треба да се фокусираме на менаџирање мудри, а не неквалитетни содржини“, укажува Ирене Андриопулу, заменичка на генералниот секретар на Меѓународниот управен одбор на Алијансата за медиумска и информациска писменост на УНЕСКО.

Иако се чини дека регулацијата на онлајн објавите е тенка линија кон цензура, сепак има одредени содржини што можат полесно да се филтрираат.

„Мора да сме внимателни, да не се премине линијата на слободата на изразување. Но, доколку има говор на омраза или содржина што нанесува штета, тогаш треба да се има можност тоа да се пријави преку интернет платформата. Тоа е начин на кој може да се контролира ширењето на дезинформациите и да се фокусираме на квалитетна содржина“, вели Андриопулу.

Друга опција што ја предлагаат познавачите е преку јавно етикетирање.

„Потребно е да има обележување на вестите, означување, дека се сомнителни или лажни. Но, не и целосно отстранување, за да не се отиде во друга крајност, кога би имале спречување на вистински вести што не се од интерес на тој што ја прави регулативата“, укажува професорот Чорбев.

Лажните вести некому носат профит, некому политички интерес или поголема читаност. Но, во исто време носат и општествена ерозија, трауми и недоверба.

„Може и да е лажна информацијата, а нас сепак да нè вознемири“, посочува ученичката Ацеска од гимназијата „Р.Ј. Корчагин“.

Медиумската писменост е во зародиш во македонското општество. Очекувањата на познавачите се дека токму преку соодветна едукација, ќе се надмине штетното влијание од дезинформациите и од манипулативните содржини.

XS
SM
MD
LG