Линкови за пристапност

Мадуро слави, опозицијата ги оспори изборните резултати


Опозицијата во Венецуела повика на протести по изборите за гувернери, на кои се гледа како на тест за владата

Опозицијата во Венецуела ги отфрли резултатите од неделните избори за гувернери во 23 држави и ги повикаа опозиционите кандидати да излезат на демонстрации.

„Во моментов не признаваме ниеден резултат. Ние се соочуваме со сериозен момент во државата“ рече Жерардо Блајди, директорот на кампањата на опозиционата коалиција (Mesa de la Unidad Democrática, MUD) и повика на целосна ревизија на резултатите.

Проекцијата на изборните резултати покажуваше дека кандидатите на опозиционата коалиција најверојатно ќе победат во половина од државите.

Меѓутоа, доцна во неделата, провладиниот претседател на изборната комисија Тибизај Луцена кажа дека владејачката Социјалистичка партија на претседателот Николас Мадуро освоила 17 гувернерски места, наспроти пет за опозиционата коалиција.

Мадуро ја поздрави победата, нарекувајќи ја победа за „чавизмот“, осврнувајќи на владејачкото движење на поранешниот претседател Хуго Чавез и победа на демократијата.

„Денес чавизмот ја опустоши опозицијата, денес имаме 17 гувернери, денес имаме 54 проценти од гласовите. Денес имаме 61 проценти учество на изборите, денес татковината се зајакна со 75 проценти од гувернери“, кажа Мадуро во телевизиски говор.

Претходно, лидерите на опозицијата предупредија дека провладината изборна комисија ќе објави резултати кои се контрадикторни со она кое тие го опишаа како „гигантска“ победа. „Имаме сериозни сомневања“ изјави Блајди за новинарите.

На гласањето се гледаше како на тест за владата на Мадуро, поради зголеменото незадоволство од недостигот на храна, уништената економија и големиот криминал.

Гласањето и справувањето на изборите внимателно се следи од страна на САД, кои во петокот ја повикаа владата на Венецуела да дозволи слободни и фер избори.

Портпаролката на американскиот Стејт департмент, Хедер Науерт во петокот ја изрази загриженоста на Вашингтон во врска со одбивањето на владата на Мадуро да дозволи независни набљудувачи на изборите. „САД се загрижени дека серијата активности на Националниот изборен совет ја доведуваат во прашање правичноста на изборниот процес“, рече таа.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG