Во првото обраќање пред Генералното собрание на ОН, американскиот претседател Доналд Трамп упати жестока критика на адреса на Северна Кореја, Венецуела и Иран. Тој кажа дека таканаречените „непринципиелни земји“ претставуваат закана за светот.
Трамп се осврна на заканите што Северна Кореја ги претставува по американската безбедност и безбедноста на сите земји-членки на ОН. „САД поседуваат голема моќ и трпение. Но, доколку се приморани на самоодбрана и одбрана на нивните сојузници, нема да имаме друг избор, освен целосно да ја уништиме Северна Кореја“, истакна Трамп.
Опишувајќи го севернокорејксиот претседател Ким Јонг Ун како "човекот со ракетата" (“Rocket Man”) во самоубиствена мисија, Трамп подвлече дека дрскиот обид на Северна кореја да дојде до нуклеарно оружје и балистички проектили, претставува закана за целиот свет со несогледливи последици по човечките животи.
Во фокусот на говорот на Трамп беше и борбата против тероризмот. Тој истакна дека САД се залагаат за елиминирање на, како што го нарече, радикалниот исламистички тероризам.
Американскиот претседател за Нуклеарниот договор со Иран и пет други држави, кажа дека претставува срам за САД, сигнализирајќи дека Америка можно е да ја напушти спогодбата од 2015-та, доколку биде забележано дека Меѓународната агенција за атомска енергија не е доволно определена во надзорот на активностите на властите во Техеран.
Трамп иранската влада ја опиша како корумпирана диктатура, којашто се крие зад лажен превез на демократија. "Од богата земја со богата историја и култура, Иран е претворен во eкономски исцрпена непринципиелна држава, чиј главен извоз се насилство, крвопролевање и хаос", додаде американскиот претседател.
Тој истакна дека владата во Техеран ги употребила своите огромни ресурси, за да финансира терористички организации што "убиваат невини муслимани и ги напаѓаат своте мирољубиви арапски и израелски соседи".
"Не можеме да дозволиме, убиствениот режим да продолжи со овие дестабилизирачки активности, додека развива опасни проектили, и не можеме да се придржуваме кон договорот, ако истиот прикрива крајна цел - креирање на нуклеарна програма", подвлече Трамп.
Лидерот на САД се осврна и на Венецуела. "Социјалистичката диктатура на Николас Мадуро, предизвика голема болка и страдање на добриот народ на оваа земја", кажа тој.
Првиот човек на САД во говорот рече и дека САД не носат подеднаков товар за финансирање на ОН.
„Пред се`, ќе ги бранам американските интереси“, рече Трамп. „Но во исполнување на нашите обврски спрема другите земји, согледуваме и дека во сечиј интерес е, да се стремиме кон иднина во која сите држави ќе можат да бидат суверени, напредни и безбедни“.
Facebook Forum