Линкови за пристапност

Обама во контраофанзива


Обама во контраофанзива
Обама во контраофанзива

На турнеја по Средниот Запад одговара на републиканските напади дека не чини доволно на економски план

Американскиот претседател Барак Обама е на турнеја по три сојузни држави на Средниот Запад, на која ќе одговори на нападите од републиканците дека не прави доволно за заживување на економијата.

Анкетите покажуваат пад на рејтингот на Обама по неодамнешното намалување на кредитниот рејтинг на САД, битката со Конгресот околу задолженоста и континуираната стапка на невработеност од над 9%.

Обама во неделното радио-обраќање до нацијата рече дека државата не западнала во актуелната економска состојба преку ноќ и оти ќе биде потребно време да излезе од кризата. Тој кажа и дека Американците со право се незадоволни од ситуацијата.

Претседателот ќе ги мине наредните три дена говорејќи за економијата и работните места на собири во Минесота, Илиноис, и Ајова.

Токму во Ајова, републиканците викендов одржаа неформално гласање за да го испитаат расположението за републиканските кандидати за претседателските избори 2012-та. На гласањето победи конгресменката Мишел Бахман од Минесота, а на второ место заврши тексашкиот конгресмен Рон Пол.

Бахман, фаворит на конзервативните активисти на движењето „Ти парти“, се залага за намалување на даноците и обемот на владата. Таа декларираше дека целта и` е Барак Обама да биде претседател кој минал само еден мандат на функцијата.

Поранешниот гувернер од Минесота Тим Паленти, кој во Ајова го освои третото место, објави дека се откажува од претседателската трка. Истовремено, гувернерот на Тексас Рик Пери се вклучи во републиканската трка за Белата куќа.

Иако Пери не беше на изборното ливче во Ајова, тој освои повеќе гласови со допишување на неговото име од Мит Ромни, поранешниот гувернер на Масачусетс, кој важеше за за фаворит на ова гласање и во републиканската трка во целина.

XS
SM
MD
LG