Линкови за пристапност

Влошената економија закана за реизбор на Обама


Влошената економија закана за реизбор на Обама
Влошената економија закана за реизбор на Обама

Политичките експерти велат дека економската ситуација ќе биде клучен фактор за време на претстојната претседателска трка

Изминатиот петок донесе доза на оптимизам, со веста дека е забележан мал пад на нивото на невработеноста во САД и во моментов таа изнесува 9,1 процент. Сепак, најновите анкети покажуваат дека јавноста е се` позагрижена за економијата и песимистички расположена за иднината на земјата на 15-тина месеци пред претседатекските избори во 2012-та година.

Претседателот Барак Обама ја поздрави веста за намалувањето на невработеноста, но предупреди дека на САД им престои уште многу работа за да се опорават од загубата од осумте милиони работни места во рецесијата од 2008-та наваму.

„Сакам американскиот народ и нашите партнери ширум светот да знаат дека ќе минеме низ овој период. Работите ќе тргнат на подобро и ќе го постигнеме тоа заедно“, изјави Обама.

Политичките експерти велат дека економската ситуација ќе биде клучен фактор за време на престојната претседателска трка. Тие додаваат дека сепак високата невработеност, слабиот економски развој и кревките берзи се причина за загриженост како за претседателот, така и за неговите симпатизери.

Џон Фортиер е експерт за американската политика во Двопартискиот политички центар во Вашингтон.

„И натаму постои надеж и време економијата да се подобри, но доколку постои исто ниво на невработеност, исти изгледи за напредок и доколку иднината не изгледа розово, тогаш претседателот би бил во мошне тешка ситуација, без оглед на тоа кој ќе биде неговиот ривал“, вели овој стручњак.

Ова е републиканскиот сенатор од Тенеси, Ламар Александер:

„Не го обвинуваме претседателот за проблемите што ги наследи, но го сметаме за одговорен за влошување на економската ситуација“, вели тој.

Претседателот се надева дека ќе добие политички поени од неодамнешниот компромис за подигање на крајната граница за позајмување во замена за скратувања на владините трошоци.

Сепак, многумина демократи не беа задоволни од договореното, со став дека претседателот дал премногу кога предлогот за зголемување на даноците на богатите Американци бил тргнат од преговарачката маса.

Том Дефренк шеф на бирото на Њујорк дејли њуз во Вашинготн вели:

„Републиканците на 15-тина месеци пред изборите се определени да сторат се` што е во нивна можност да попречат каква било негова победа, и беа охрабрени од оваа дебата за должничката криза бидејќи таа им одеше во прилог“, смета Дефренк.

Во меѓувреме, трката за номинација за претседателски кандидат од редовите на Републиканската партија се засилува и наредната недела во сојузната држава Ајова преку таканареченото пробно гласање се види актуелната поддршка меѓу републиканските гласачи, особено кај социјалните конзервативци.

XS
SM
MD
LG