Линкови за пристапност

Реакции на операцијата „Монструм“


Барања за смиреност, законски процес и одлуки во разумен временски рок.

„Албанците не можат да прифатат колективна одговорност за убиство на деца, криминал за кој не се сеќаваат дека некогаш се случил во нивната историја, дури и во време на војна“, изјави по повод апсењето на 20 лица во случајот со петкратно убиство кај Смиљковско Езеро портпаролот на ДУИ, Бујар Османи за еден портал на албански јазик.

Според него, Албанците повеќе од кого било се заинтересирани за решавање на овој криминал и затоа се залагаат за максимален придонес во идентификувањето на убијците, без оглед на која националност припаѓаат, бидејќи, „тие се само убијци и ништо помалку или повеќе“.

Во сoопштението на Амбасадата на САД во Македонија се вели: „Со внимание ги следиме деталите за апсењата и истрагата која е во тек, како што објасни министерката за внатрешни работи на прес-конференциите на 1-ви и 2-ри мај. Ќе продолжиме внимателно да ја следиме состојбата и, како што и претходно кажавме, ги повикуваме сите граѓани да останат мирни и да дозволат спроведување на законскиот процес. Важно е секој осомничен за овие ужасни убиства – без разлика на идентитетот, етничката или верската припадност – да добие соодветна постапка во согласност со законот, за да може на крајот правдата да биде задоволена“.

Во својата реакција по повод вчерашната акција „Монструм“, Делегацијата на ЕУ во Скопје истакнува дека е запознаена оти истрагата за петкратното убиство кај Смиљковското Езеро од 12-ти април довела до одредени апсења во рамките на полициската операција, спроведена на 1-ви мај.

„Продолжуваме одблиску да ги следиме активностите. Работа е на државните институции да ги извршуваат нивните дејности, без оглед на етничката или верската припадност на жртвите и на извршителите. Останува мирно да сочекаме судските органи да донесат правилни одлуки во разумен временски рок“, стои во соопштението.

Полициската акција ја поддржаа и опозиционите партии. Најголемата опозициона партија СДСМ изрази целосна поддршка за МВР и за безбедносните служби за целосно расветлување на петкратното убиство кај Смиљковското Езеро. „Ја користиме оваа прилика уште еднаш јавно да потенцираме дека и натаму даваме целосна поддршка на МВР и на безбедносните служби за брзо идентификување на сторителите, обезбедување на материјални докази и целосно расветлување на петкратното убиство. Нема никаква дилема дека тоа е единствениот начин да се сопрат сите шпекулации, а граѓаните повторно да се чувствуваат безбедно“, изјави портпаролот на СДСМ, Емилијан Станковиќ.

Во соопштението на Либерално-демократската партија се вели дека присуството на следбеници на исламскиот радикализам и терористи кои учествувале во борби во против НАТО на територијата на Македонија - „е причина повеќе за сериозна загриженост за безбедноста и стабилноста на земјата. ЛДП изразува надеж дека материјалните докази се непобитни и дека веродостојно ќе го расветлат целиот случај, со што вистинските сторители на злосторот ќе бидат изнесени пред лицето на правдата“.

Сосема спротивен став има албанската опозициона партија НДП на Руфи Османи, која излезе со став дека истрагата е вршена во погрешна насока.

„НДП бара од правната држава случајот на свирепото петкратно убиство во близина на Скопје да го расветли до крај и вистинските виновници да ги изведе пред лицето на правдата и на истите органите на правдата да им ја изречат заслужената казна. Претресувањата на десетина куќи во Гази Баба, Хасанбег, Арачиново и Отља, како и апсењето на 20 лица, меѓу кои и еден старец и една старица, сите Албанци, не може да се квалификува како успешна акција, а уште повеќе го оправдува називот на акцијата – Монструм“, смета НДП.

Партијата бара од министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска да објасни како си дозволува да го користи зборот убијци за лица за кои не е ни започната судската постапка.

„Обидот проблемите од криминален план да се поместат на верски план, не само што се неприфатливи, туку се многу опасни за безбедноста во земјата и во регионот и можат да бидат повод за нов ланец на насилство каде би настрадале недолжни граѓани, независно од нивната етничка или верска припадност. Акцијата и изјавите на МВР оставаат простор за сомневање дека сево ова што се случува по петкратното убиство во близина на Скопје, се тежнее да се искористи како алиби пред Самитот на НАТО во Чикаго, дека наводно Македонија е држава која се бори против исламскиот тероризам“, реагираше НДП.

Откако вчера Јанкулоска изјави дека Македонија „како дел од глобалната коалиција за мир и како земја која според бројот на жители е петта по ред по учеството на мировниците од АРМ во мисијата во Авганистан, е на страната на земји кои може да бидат можна цел на радикалните исламисти“, денес реагираше и поранешниот челник на Агенцијата за разузнавање, Кире Наумов кој за Дојче Веле изјави дека Македонија се соочува со сериозен проблем.

„Ако е се’ тоа точно, ако е целата изјава веродостојна на тоа што вистински се случувало на теренот, тогаш целото ова по дефиниција личи на организирана терористичка ќелија на одредена радикална исламистичка организација. Ако оваа констатација не е избрзана, ако сето тоа е така, тогаш морам да ви кажам дека Македонија има сериозен, голем проблем“, вели Наумов.

Во првата реакција на семејствата на жртвите, вчера ТВ-Сител ја објави изјавата на еден од родителите на убиените момчиња, според кого е добро е што вистината излезе на виделина.

„Оваа власт не ја обвинувам за ништо, ако она што го дознавме денеска е точно, тогаш ова е успех за нив. Понатаму ќе чекаме истрагата да продолжи“, изјавил Раде Славковски, татко на убиениот 19-годишник Филип Славковски.

Според него, тој веднаш знаел дека убиените момчиња се невини жртви.

„Уште третиот ден бев сигурен дека е нешто такво. Го знам и моето дете, ги знам и другарчињата, ги знам сите во населбава Радишани, кои дечиња што се, што на мравка не газат, што се дружеа сите. Тие (убијците – н.з.) немаат ни родители немаат ништо, тие се платени од надвор и се донесени тука“, изјавил Славковски.

Информативниот портал на албански јазик „Порталб“, ја објави реакцијата на семејството на еден од уапсените, наведен како 24-годишен фризер од Скопје, која ја пренесоа и дел од медиумите на македонски јазик, а според која, семејството било револтирано и тврдело оти нивнот син е невин.

"Тој е само верник, ја гледа својата работа, оди во џамија за да се моли, како и сите муслимани нормално, но никогаш не имал ни најмала допирна точка со исламскиот радикализам", изјавиле членови на семејството.

„Полицијата дојде во 4 часот наутро и без да сакаме не држеше затворени во куќата до 7 часот наутро. Ние ни не знаевме што беше причината, полицијата не ни кажа", изјавил член на семејството.

XS
SM
MD
LG