Линкови за пристапност

Без нови детали за истрагата


Со секој изминат ден се откриваат нови информации за петкратното убиство кај вештачкото езеро во село Смилковци, кај Скопје, но МВР во интерес на истрагата нема да објавува детали во јавноста.

Министерската за внатрешни работи Гордана Јанкуловска на денeшената прес конфереција само соопшти дека е направена првична реконструкција на убиството, и притоа апелираше воздржаност кај јавноста. Таа ги демантираше шпекулациите дека наводно биле фатени четворица сторители, нарекувајќи ги злонамерни и тенденциозни.

„Сензационални информации од типот дека сторителите се веќе фатени или од типот дека МВР е на само чекор од нивно откривање за жал во овој момент не се точни. Воедно сакам да побарам разбирање за сите информации кои не можеме да ги споделиме со јавноста. Станува збор за најобемен случај на македонската полиција и продолжуваме да работиме со најдобро обучените луѓе“, рече министерката Јанкуловска.

Таа истакна дека засега го немаат идентитетот на сторителите, и дека се работи за неосновани информации.

Јанкуловска не сакаше да ги коментира ниту досегашните сознанија за мотивите за свирепото убиство, додавајќи дека истрагата оди во добра насока, и дека се разгледуваат сите можни сценарија

„Сознанијата за мотивите за убиството засега не ги коментираме затоа што би можеле многу да откријат. Не потценуваме ниту една информација која излегува во јавноста, но работиме буквално 24 часа за истрагата да напредува секој ден. Информациите кои ги имаме бараат време за разработка. Иако имаме прелеминарни сознанија за сторителите, во интерес на истрагата нема да бидат јавно кажани. Наша цел е до крај да останеме транспарентни, но повторно ќе речам во медиумите гледаме партнер за да ги спречиме сите оние шпекулации“, рече таа.

На новинарско прашање за вчерашното соопштение од извесна Армијата за ослободување на окупираните албански земји, министерката Јанкуловска Јанкулоска вели дека го разгледале писмото и ја следат ситуацијата.

„Засега не би давале оценка за тоа колку е реално она што тие го пишуваат, се покажаа како сценарија кои не се потврдија. Ние не потценуваме буквално ниту една информација, сите полициски службеници се на терен и цениме дека е многу важно да ја одигра својата улога во овој важен момент за нашето општетство“, изјави таа.

Целиот полициски врв, министарката Јанкуловска, директорот на Бирото за јавна безбедност Љупчо Тодоровски и директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков попладнево три часа имаа брифинг со премиерот Никола Груевски.

Во меѓувреме, амбасадорите на ЕУ, НАТО, ОБСЕ и САД во Македонија денеска во заедничка изјава ги осудија убиствата на петтемина македонски граѓани во близина на селото Смилковци, изразувајќи длабоко сочувство до семејствата на жртвите. „Ги поддржуваме напорите на Владата во спроведувањето на истрагата и правните процедури во најбрз можен рок и ја охрабруваме соработката на јавноста при собирањето на сите достапни информации за убиствата“, се вели во писмената изјава.

Амбасадорите ги повикуваат македонските граѓани на смиреност и воздржување од шпекулации, како и на трпение додека трае истражната постапка. Насилствата и земањето на законот во свои раце само ја оддалечува полицијата од истрагата и го отежнува пронаоѓањето на убијците и нивното соочување до правдата, се вели во заедничкото соопштение.

XS
SM
MD
LG