Линкови за пристапност

Напредок во истрагата за петкратното убиство?


Според министерката Јанкуловска, утврден е профилот на сторителите, но се` не се знае нивниот идентитет и мотивите.

Иако од Кривичниот суд беше најавено дека првичните информации од истрагата за петкратното убиство кај Смиљковци, официјално ќе и` бидат соопштени на македонската јавност во вторник, министерката за внатрешни работи денес излезе со нови информации за текот на истрагата во која е вклучен речиси целиот потенцијал на македонското МВР.

Според Гордана Јанкуловска, има напредок во истрагата за петкратното убиство од четвртокот што ја вознемири целата македонска јавност - утврден е профилот на сторителите на злосторството, но се` уште нема сознанија за нивниот идентитет или за мотивите на убиството. На информативни разговори биле повикани стотина лица, но засега нема приведени, а едно од сценаријата за причините за убиството на четирите момчиња од Радишани и Бутел, кои немале криминални досиеја, е дека убиените можеби биле сведоци на претходно криминално дело што се одвивало на локацијата на која биле пронајдени нивните тела. Постојат и индиции дека едно од запленетите возила во полициската акција било на местото на убиството, а МВР и понатаму продолжува со вештачење на возилата што ги запленило.

Во својата претходна изјава, министерката рече дека според обдукцијата, во жртвите е пукано од три видови оружје и од непосредна близина. Јанкуловска тогаш кажа дека засега не се познати ниту мотивите, ниту пак етничката припадност на сторителите, апелираше да не се шират шпекулации со кои би се предизвикале меѓуетнички тензии и потенцираше дека сторителите нема да ја избегнат правдата и ќе се соочат со најстроги казни.

Денес на јавноста се обрати и Институтот за судска медицина. Според експертите од Институтот, по направените обдукции врз телата на убиените кај Смиљковци, на телата на жртвите не се најдени друг вид повреди освен прострелните рани. Д-р Биљана Јаневска наведе дека не се забележани повреди нанесени пред или по настапувањето на смртта, односно жртвите не биле претходно малтретирани. А, според поранешната изјава на д-р Алексеј Дума, согласно европските протоколи, десетчлениот тим на експерти кој ја извршил обдукцијата на телата, обезбедил материјал за евентуално ново мислење, а за се` што е работено во текот на обдукцијата се обезбедени снимки и докази. Обдукцијата утврди дека сите жртви имаат по неколку прострелни рани, во грбот, главата и градниот кош.

Вчера во скопската општина Бутел беше ден на жалост и беа спроведени погребите на петте жртви на масакрот кај Смиљковското езеро. Во скопското село Црешево беше погребан Борче Стефковски (45), а гробиштата во Радишани беа погребани матурантот Александар Наќевски, Филип Славковски и Цветанчо Ацевски, а нивниот другар Кире Тричковски беше погребан на гробиштата во Бутел.

Ситуацијата во Радишани беше мирна со забележливо присуство на полицијата, а во одделни делов на градот граѓани се собираа да им оддадат почит на петмината убиени. На мрежите на Интернет се организира протест за загинатите за утре во 17 часот, но и самите организатори апелираат протестот да биде мирен и цивилизиран

На мир и трезвеност повика и претседавачот на ОБСЕ Еамон Гилмор, кој изрази уверување дека ужасниот инцидент ќе резултира со изведување на одговорните пред правдата.

„Се придружувам на апелите на политичките лидери во земјата и на меѓународните партнери до луѓето – да останат смирени и да се воздржат од какви било активности кои можат да ги покачат тензиите меѓу заедниците“.

И европратеничката Тања Фајон изрази длабоко жалење за бруталното убиство на петте лица и им испрати најдлабоко сочувство на семејствата и пријателите на жртвите. Членката на делегацијата на Европскиот парламент за Југоисточна Европа и известувач за визната либерализација за земјите од Западен Балкан ги повика граѓаните да останат смирени и да се воздржат од понатамошни инциденти.

По критиката во дел од медиумите дека не се огласил по повод убиствата, денес, на прославата на најголемиот празник на православните христијани - Велигден, премиерот Никола Груевски го осуди убиството.

„Овој настан сите нас не погоди. Не погоди до срж, меѓутоа мораме да останеме исправени, да продолжиме да се справуваме со предизвиците. Сакам да им испратам порака и на сторителите на овој настан дека кога тогаш правдата ќе ги стигне и казната ќе ги стигне - и од Законот и од Бога, ако воопшто разбираат што значи тоа“, изјави Груевски.

И македонскиот претседател Ѓорге Иванов денес испрати сочувство на семејствата на убиените, изразувајќи надеж дека сторителите ќе бидат пронајдени и казнети, а претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Велјаноски изрази очекување дека институциите ќе го расветлат случајот и дека за кратко време истрагата ќе даде резултати.

Поглаварот на МПЦ-ОА г.г Стефан на синоќешната богослужба по повод Велигден во црковниот храм Свети Климент Охридскиод рече дека „македонскиот народ мора да дознае кој пука во неговата младина и иднина“.

„Па колку и кому да погрешиле, ако погрешиле, а што можеле толку и да погрешат, за вака крвнички да бидат покосени? И од ова место и на овој ден, повикуваме да се најдат виновниците и да одговараат пред законот и правдата!“, рече г.г.Стефан.

XS
SM
MD
LG