Линкови за пристапност

Кремљ вели предлогот од 2022 година да биде основа за мировни преговори со Украина


Работници поправаат дел од оштетената термоелектрана, една од најголемите во земјата, неодамна уништена од руски ракети во близина на Харкив, Украина, на 12 април 2024 година
Работници поправаат дел од оштетената термоелектрана, една од најголемите во земјата, неодамна уништена од руски ракети во близина на Харкив, Украина, на 12 април 2024 година

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков, денес рече дека нацрт-предлогот за мир од 2022 година може да послужи како почетна точка за потенцијалните разговори меѓу Русија и Украина за ставање крај на нивниот конфликт, кој сега е трета година.

За време на телефонскиот брифинг со новинарите, Песков се повика на мировниот предлог за време на разговорите посредувани од Турција во Истанбул во 2022 година.

Тој рече дека мировните разговори обично се засноваат на нешто и дека тој план може да обезбеди почетна точка.

Предлогот, наводно, вклучувал одредби со кои се повикува Украина да остане неутрална и да ја ограничи големината на нејзината војска.

Мировниот план беше напуштен по прекинот на разговорите.

Песков денес побрза да додаде дека за секој нов мировен разговор треба да се земат предвид неколку „нови реалности“ кои сега постојат по тие разговори пред две години.

Но, тој рече дека мировниот план сепак може да обезбеди основа за дискусија.

Рускиот претседател Владимир Путин даде слични коментари во четвртокот за време на состанокот во Москва со белорускиот претседател Александар Лукашенко.

Руските медиуми го цитираа Путин дека сите нови мировни преговори меѓу Украина и Русија треба да се засноваат на планот за 2022 година.

На истиот состанок, Путин се потсмеваше на меѓународната мировна конференција планирана од Швајцарија во јуни, велејќи дека Русија не била поканета да учествува.

Швајцарските власти оваа недела инсистираа дека Русија е поканета да учествува, но одбила.

Путин рече дека секогаш бил отворен за преговори, но дека тие мора да се засноваат на „реалноста“.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека какви било мировни преговори мора да се засноваат на украинскиот план кој повикува на повлекување на руските трупи, обновување на постсоветските граници на Украина од 1991 година и механизам да ја повика Русија да одговара за нејзините постапки.

Дел од информациите во текстот се од Асошиетед прес, Ројтерс и Франс-прес

XS
SM
MD
LG