Линкови за пристапност

Украина е Русија, кажа поранешниот руски претседател Медведев


Заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија Дмитриј Медведев, посети воен полигон во Русија на 1 јуни 2023 година
Заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија Дмитриј Медведев, посети воен полигон во Русија на 1 јуни 2023 година

Дмитриј Медведев, заменик-претседател на рускиот Совет за безбедност и сојузник на претседателот Владимир Путин, денес изјави дека Украина е дел од Русија и дека, како што ги нарече, историските делови на Русија треба да „дојдат дома“.

За време на говорот на младинскиот форум во Сочи, Медведев рече: „Еден од поранешните лидери на Украина во одреден момент рече дека Украина не е Русија... тој концепт треба да исчезне засекогаш. Украина е дефинитивно Русија“.

Медведев, кој беше претседател на Русија од 2008 до 2012 година, ги пофали Руската империја и Советскиот Сојуз и рече дека Москва ќе продолжи со својата „специјална воена операција“ додека украинското раководство не капитулира.

Веднаш немаше реакција од Киев.

Мислењата на Медведев имаат тежина во Кремљ и неговите коментари би можеле да бидат показател за експанзивните воени цели на Русија во Украина, според новинската агенција Ројтерс.

Украинските власти постојано го обвинуваат Медведев и другите високи руски функционери дека водат нелегална освојувачка војна и велат дека Украина и нејзиниот народ се разликуваат од Русија и Русите.

Медведев ја отфрли можноста за мировни преговори со сегашното украинско раководство, велејќи дека секоја идна украинска влада која сака разговори ќе треба да ја препознае, како што ја нарече, новата реалност.

Медведев, исто така, рече дека врските меѓу Русија и САД сега се полоши отколку за време на кубанската ракетна криза во 1962 година, кога двете земји дојдоа на работ на нуклеарен конфликт.

„Ќе кажам една горчлива работа“, рече тој.

„Сегашната ситуација е многу полоша од онаа во 1962 година. Ова е целосна војна против Русија со американско оружје и со учество на американски специјални сили и американски советници. Така е“.

Сега поминаа повеќе од два месеца откако САД последен пат испратија воена помош за Украина.

Во Вашингтон, официјалните лица со зголемена тревога гледаат на недостигот на оружје и муниција во Украина и на намалувањето на испораките од САД.

Спикерот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон одби да го изгласа пакетот странска помош од 95 милијарди долари усвоен од Сенатот, кој вклучува клучна помош од 60 милијарди долари за Украина.

Таа одлука може да го закочи пакетот со недели, по веќе повеќемесечното чекање во Конгресот.

Дел од информациите во текстот се од Ројтерс, АП и агенцијата Франс- прес

XS
SM
MD
LG