Потпретседателката на САД Камала Харис го избра гувернерот на Минесота Тим Волц за нејзин потпретседател во кампањата против поранешниот претседател Доналд Трамп на претседателските избори во ноември.
Официјалното соопштение дојде денес, пред предизборниот настан во Филаделфија.
„Задоволство ми е да споделам дека ја донесов мојата одлука: гувернерот на Минесота Тим Волц, ќе се приклучи на нашата кампања како мој кандидат“, рече Харис во порака до поддржувачите.
„Тим е лидер тестиран на терен, кој има неверојатна историја да ги заврши работите за семејствата од Минесота. Знам дека тој ќе го донесе истото принципиелно лидерство во нашата кампања и во канцеларијата на потпретседателот“.
Следува турнеја низ сојузните државите кои ќе играат клучна улога во одлучувањето кој ќе победи на изборите во ноември, при која кампањата на Харис ќе застане во Висконсин, Мичиген, Аризона и Невада.
Трамп го именуваше сенаторот Џеј-Ди Венс за свој потпретседател за време на конвенцијата за номинација на неговата Републиканска партија минатиот месец.
Венс оваа недела треба да ја спроведе својата сопствена предизборна турнеја во таканаречените одлучувачки сојузни држави Пенсилванија, Висконсин, Мичиген и Северна Каролина.
Меѓу потенцијалните селекции за Харис беа гувернерот на Пенсилванија Џош Шапиро, гувернерот на Кентаки Енди Бешеар, гувернерот на Илиноис Џ.Б. Прицкер, американскиот сенатор Марк Кели и секретарот за транспорт Пит Бутиџиџ.
Харис брзо се појави како кандидат на демократите кон крајот на минатиот месец, откако претседателот Џо Бајден ннајави дека повеќе нема да бара уште еден мандат на функцијата.
Ова се случи по лошиот настап во дебатата против Трамп, што поттикна повици тој да излезе од трката.
Потпретседателката Харис, ќерка на имигранти која се искачи низ калифорниските политички и органи за спроведување на законот за да стане првата жена потпретседател во историјата на САД, вчера формално ја обезбеди демократската претседателска номинација - станувајќи првата обоена жена да биде водечки кандидат на голема партија за претседател на САД.
Номинацијата на Харис стана формална откако вчера вечерта заврши петдневното гласање преку Интернет од страна на делегатите на Демократската национална конвенција, при што партијата во соопштението објавено непосредно пред полноќ рече дека 99 отсто од делегатите го дале својот глас за Харис.
Некои информации во текстот се од Асошиетед прес, Франс-прес и Ројтерс